МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

24. Во последни години

Стамена и Борис се неразделни речиси пет децении. Стамена пред еден месец наполни шеесет и две години, а Борис пред три шеесет и шест. Израснаа и одгледаа два сина и една ќерка, од нив имаат четворица внуци и две внуки, а од пред седум години се сами во семејната куќа на крајот од селото.

Се крепат меѓусебно. Стамена ги презела повеќето секидневни лесни и потешки работи, од перење алишта и постелнина до бришење прозорци и покуќнина, а Борис секој ден оди на пазар, цепи дрва, се грижи за огнот во студно време, како и за тревникот и цвеќињата околу куќата кога е топло, влажно, цутно, плодно или сушно.

За Борис е „природно“ тоа што Стамена ја презела сета грижа за нивното здравје-неговото видливо сѐ покревко, а нејзиното незабележливо сѐ покршливо и поронливо. Цел живот била таква-„пожртвувана саможртва“. Борис најмногу затоа ја почитува и неизмерно ја сака. Особено откога годините почнаа да им натежнуваат и да им стануваат сѐ побезразлични и поневажни. Особено откога се сами и сѐ поосамени, откога синовите и ќерка им сосе внуците и внуките заминаа „предалеку“-тие во Торонто, таа во Дубаи. Којзнае дали ќе им дојдат макар на некое време додека се живи.

Стамена ја има навасано опачна болест која сѐ повеќе ѝ ја суши снагата. Не ѝ придава значење оти сѐ уште ја кроти со чаеви. На Борис, пак, забрзано му слабее срцето и од ден на ден сѐ повеќе премалува.

Дните и ноќите на Борис и Стамена им се сѐ поисполнети со минато и спомени, а смртта им е сѐ поблизу.

Leave the first comment