МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

27. Работна соба

Работната соба на Стефан Андреев е како на секој писател: книги на ѕидовите, на подот, околу прозорецот што гледа кон градот во долината и околу големата кожена кафена фотелја; на ѕидот спроти влезната врата мал пејзаж, до него негов портрет со перо в рака,во бела кошула и црвен џемпер, во создавачки момент, до него мртва природа со средна големина, а до него голема апстрактна слика со доминација на црна боја врз црвена; голема ламба со абажур од бело платно и бел лаптоп на големата кафена работна маса од ореово дрво; камин спроти неа. Има само едно парче мебел што не е баш присутно во работни соби на писатели: лево од каминот кожен кафен тросед, според наслоните во комплет со фотелјата и работната маса.

Најмногу време од денот и ноќта Стефан Андреев минува во својата работна соба. Се случува да влезе во неа рано наутро, а да излезе следното пладне преспивајќи на троседот. Особено кога завршува некое дело-расказ, роман или песна. Притоа воопшто да не го догледа, да не го слушне, дури и да не го почувствува присуството на неговата друшка Вера. Тогаш таа набрзина ја чисти и суредува собата, па влегува само молчешкум, да му донесе ручек, вечера или појадок кои често ги враќа во кујната негибнати.

Најголем проблем на Вера Андреева е тоа дека никогаш совреме не узнава кога Стефан завршил едно, а кога почнал друго дело. Секогаш кога ќе го загледа неговиот портрет забележува како ѝ се насмевнува добродушно или невино, како да ѝ вели дека ниту завршил едно, ниту почнал друго. Тоа ја вознемирува, понекогаш ја разлутува, особено кога со денови и ноќи не излегува надвор за да подише планински воздух или заедно да прошетаат низ шумата. Зашто потоа со денови и ноќи лежи болен во спалната, на брачниот кревет, некогаш со висока температура, а таа стравува дека не ќе може да му ја поврати снагата.

Овде, во планинава, над градон во долинана, во пространава куќа од греди и штици се веќе шест ипол години. Од денот кога нивниот матичен лекар ја предупреди Вера дека нејзиниот Стефан е преуморен, неизлечивата болест забрзано напредува, па единствено подолг престој на висока планина би можел да му го закрепне телото.

Стефан Андреев умре во прегратката на Вера само три недели откако се преселија во куќава. Во ноќ во која во неговата работна соба радосно ѝ се пофали дека штотуку го завршил романот „Скаменета состојба на духот“ и едновремено почнал да пишува поема под наслов „Вечната љубов на еден поет и неговата друшка“.

Leave the first comment