Потребно време за читање: 3 минути

5.

Многу ми е интересно разликувањето на три вида умирање: прерано, навреме и задоцнето. Сè уште од никој жив немам слушнато за умирање предоцна. Веројатно зашто такво не постои? А наведените стварно постојат? Јас како мртов кој сум дење-ноќе заедно не само со мртвите ближни во гробов, туку и со пријатели и познајници во другите, блиските и подалечните гробови, но одвреме-навреме, па и кога ќе посакам и со сè уште живи (признавам дека со задоволство им идам на сон за заедно одново да ги доживееме нивните приклученија во стварноста), можам да посведочам дека тоа разликување е во голема мера наместо. Еве како јас си ги толкувам, малку поразлично од живите:

Прераното умирање значи дека тоа се случило неочекувано, ненадејно, најчесто несреќно и со самото тоа е најдолго жалено. Обично е поврзано со возраста, со годините живот и не толку со сегашноста, колку со очекувањата и надевањето во блиска иднина. Сум забележал дека живите прераното умирање најчесто го поврзуваат со младоста на умрениот или умрената. Тоа го сметам за сосем погрешно затоа што детството, младоста, зрелоста и староста се само природни периоди на еден живот, а не преживеани или сè уште живеани времиња. Јас ова умирање би го означил исклучиво како неочекувано, ненадејно и најчесто несреќно.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Пример ми е една жена на триесет и шест години, Бисера од Костадина, во третиот гроб десно од мојот и семеен. Ја погребаа пред три недели, по ненадејна смрт од срцев удар. И жива и сега мртва со многу убаво лице, калеша, стројно градена. Се зачудив кога слушнав дека сè уште не била мажена, но во меѓувреме разбрав дека тоа било зашто имала многу љубовници. Речиси нема ден да не дојде некој нам непознат, да положи цвеќе на нејзинот гроб и да запали свеќа. Во него засега е само таа, но тоа не значи исто што и кај живите-дека живее во самотија. Меѓу нас мртвите дружењето и заедничките игри и забави се деноноќни. Таа му се радува на секој, го допира, го гушка, дури води љубов каква што е можна меѓу мртва и жив-таа му се предава со тело и душа, а тој тагува чувствувајќи ја како неповторлива. Умрела прерано односно ненадејно, без никаков предзнак или притаена болест.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Навременото умирање е најнепосредно поврзано со предвиденото и неминовното. Штом е такво, подобро е да биде навремено отколку прерано или задоцнето. Но што значи навремено умирање?

Некој од која било причина веќе нема ни ден ни час ни миг преостанат живот, поради ранување, повреда, жива рана, неизлечива болештина, таканаречена клиничка смрт, па ако не испушти душа навреме само ќе се измачува. Да испушти душа? Така кажуваат живите, а воопшто не е точно. Никој жив не испушта душа при умирање. Нему телото му умира. Но, да не навлегувам во таа проблематика. Засега и сега нека биде напуштање.

Во нашиов свет, на гробиштава, на мртви блиски и далечни, знајни и незнајни, познавам многу кои умреле навреме, а поради што се среќни и задоволни. Му благодарат на Бога, иако тој нема врска ни со неа ни со која било друга смрт.

Страхил од Андон умрел навреме на шеесет и четири години и три ипол месеци, во рано утро. Станавме мошне блиски, па ми раскажа во детали од што и како:

Бил сосем здрав цел живот, а два месеца пред да умре навреме почнал да се губи, да не знае каде е, да не знае за себе. Почнал да се дезориентира во времето, да не знае ни кој ден е, ни која недела, година. По детални прегледи во болница и скенирање на мозокот констатирале одмината фаза на васкуларна деменција. Веројатно од мозочен удар што го издржал на нозе. Не знае кога и како е можно така. Се запознал детално со неа, особено што следи скоро. Сфатил дека допрва ќе се измачува себеси и истовремено ќе ги измачува ближните, особено ако му задоцни умирањето. Решил да ја предизвика, да му дојде навреме. Тоа рано утро било ведро, сончево, иако зимско право пролетно. Успеал никој од ближните да не забележи кога излегол од дома. Отишол на Мостот на пријателството, скокнал од него и паднал главечки на железничката пруга под него. Умрел наместо среќен и навреме. Често повторува дека луѓето треба да бидат решителни кога треба да умрат навреме.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Бидејќи за задоцнетото умирање јас, Ристо од Петар, сум жив пример, моето толкување на него ќе го одложам за следното кажување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here