47.
Ах, таа непорочна љубов! И живот и смрт за неа! Една зашто е единствена за секого, од секого, секому. Секогаш жива во живот и во смрт.
И Ристо од Петар, како секој друг како него, нерадо зборува за својата непорочна љубов. Всушност, за неа нема што да зборува. И за радост е и за тага, и за грижа е и за безгрижност, и за свесност е и за занесеност, И за игра создателна! И за рожба? Можела, може, но не мора. Всушност, знае и чувствува дека тоа веќе не може. Всушност, таа му подари и често му подарува. Црвена роза! Да, роза! Една секогаш, сосем неважно колку досега.
Конечно мора да им одговори на оние кои сигурно се прашуваа досега, се прашуваат сега и се надеваат на скорашен одговор од него или од некој близок со него: зошто неговата непорочна љубов ја таи и од мртвите и од живите? И тоа не го таи само нејзиното име, тоа ништо не значи штом не ја знаат или не ја познаваат, туку и нејзиното постоење! Дека е непорочна? Па нејзе баш како на таква не ѝ треба никакво таење. Ристо од Петар се согласува со оние што тврдат дека секој во животот и во смртта има една своја непорочна љубов и не му паѓа на памет тоа да го проверува.
Нужно се наметнува прашањето од кого ја таи. Од Јасна од Спасе? Од Вера од Јане? Од Јане и Борјана? Од ближните во неговата и семејната гробница-кораб? Од никој од нив! Можно е да ја таи од себеси? Нема врска! Тој е уметник, сликар, знае да се искаже и докажува пред светот и надвор од него, едновремено да комуницира со него со трите свои говори наеднаш, а во исто време многу да не искаже и не докаже. Но, своја непорочна љубов да таи од себеси?! Глупост!…А и друго: какво е тоа негово таење кога своевремено ја наслика на платно шест метри долго и четири метри широко, кое изгоре заедно со други во голем пожар на негов дом, а еве пак успеа, одново ја наслика, ја обнови на исто толкаво како невидлива?
Просто се изненади од себеси кога мигум сам од себе му се наметна заклучоков: неговата непорочна љубов е во живот и по него, а ќе остане со иста сила и енергија како по смрт и во неа. Само затоа ја таеше досега како мртов и мртов како жив. И само затоа ќе продолжи да ја таи додека е жив.
На Ристо од Петар не му е првпат да мисли на неа и за неа, а притоа обидувајќи се да ја совлада дилемата дали уште треба да ја таи. Напротив, во последно време сè почесто му иде да им ја раскаже и да им ја покаже на ближните во гробницата, на синот Јане и снаата Борјана, на Јасна од Спасе, па и на Вера од Јане. Особено кога врз него ќе навали некакво нејасно, чудно претчувство дека скоро ќе го заврши земниот живот и конечно ќе се пресели во светот на мртвите. Како наеднаш да ќе му запре срцето.
Успева да се воздржи со уверувањето дека успеал и сè уште успева да биде со неа како жив и е откако е мртов. Па се орасположува со присеќавање на миговите на нејзиното идење кај него, на оставањето црвена роза на надгробната плоча крај неговата фотографија, горењето на свеќата, разговорите за сè и сешто и водењето љубов мртви како живи додека свеќата не изгори сосем.
Се присеќава дека на неколку наврати ја уверуваше, но не успеа да ја увери дека рамновесието помеѓу животот и смртта може да го воспостави само непорочната љубов. Најпрвин зашто е неповторлива, а потоа дека, за разлика од смртта на која не ѝ значат ништо ниту годините, ниту здравјето, ни животот до смрт нема да може да ги раздели. Не му поверува ни кога ѝ докажа дека и мртов е со неа како жив, а таа ќе биде жива и како мртва додека се заедно. Нивната непорочна љубов е многу ретка меѓу живите, а не е честа ни меѓу мртвите.
Живите и мртвите нагаѓаат, а најмногу се определуваат меѓу две артистки што играат секакви женски ролји од Шекспирови драми, најчесто играни на сцената на единствениот театар во Страдец викан „Театар на животот“: Калина од Јордан, на која ѝ даваат не повеќе од четириесет и пет години, и Ѕвездана од Славе, во зрелите триесетти. Калина на лице е поубава од Ѕвездана. Висока, гордо исправена, со стројно, предизвикувачко, пожелно тело; долги нозе, прилично големи гради, вовлечен стомак и истакнат задник; секогаш облечена во долг фустан со големо деколте. Ѕвездана со долга кадрава коса, издолжено ковчесто лице, црни очи и црни густи веѓи, бенка на десниот образ; ниска, со висок врат, мали гради и рамен задник; секогаш во мини здолниште во комбинација со карирани блузи или кошули, а нозете во чевли со високи штикли. Калина има повеќе ролји од Ѕвездана, а е позната и според многу кратки љубовни и сексуалн врски. Често јавно нагласува дека нејзиното тело е само нејзино, а таа „ги исполнува неговите потреби“. Нејзини најзабележливи ролји се Офелија во „Хамлет“ и Дездемона, верната жена на Отело.
Ристо од Петар најрадо и најчесто ја гледа Калина како Јулија во „Ромео и Јулија“.
Кога бараат да го открие името на неговата таена непорочна љубов, Ристо од Петар само нагласува дека таа е многу убава, нема кој што не ѝ се восхитува; имала многу љубови, за многу од нив знае; таа самата не знае на колкумина знајни и незнајни им се подала. Но, на ниеден од мртвите не му оди на гробот, не му носи ни црвена роза ни кој било друг цвет, ниту му пали свеќа.
А розата? А таа како нивна рожба? Обајцата забележале дека вене сè побавно.
Ристо од Петар и неговата таена непорочна љубов како живи воопшто не размислуваат за нивна рожба. Напротив, во меѓувреме обајцата со реагирањата и доживувањето ја прифатија розата како суштински доказ на рамновесие меѓу раѓањата и животворноста; кога луѓето знаат и прифаќаат дека и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи. Според обајцата, тоа е невозможно коа е едниот мртов, а другиот жив.
Во последно време љубовта на Ристо од Петар како сè уште жив, но и кога е тој жив како мртов и мртов како жив почнува, трае сè подолго и звршува сè погорешто; дури со сè понеконтролирана, напати избезумувачка сексуална страст. Под ведро небо, во нивното љубовно гнездо-неговиот еднособен стан и сликарско ателје на последниот кат на најстариот облакодер во Страдец; за кој не знаат ниту Јасна од Спасе, ниту Вера од Јане. а ни син му Јане. Или како обајцата мртви како живи во љубовното гнездо што го свија во најтемниот и за никој од ближните мртви догледлив агол на гробницата-кораб.