Потребно време за читање: 3 минути

39.

-Знаеш пријателе, и брат ми Коста и јас и сите други во мопјот и семеен гроб никако не можеме да ја прифатиме залудноста на неговата погибел. Токму така. Го изгуби животот како војник, од непријателски куршум в чело, бранејќи ја границата и независноста на татковината од соседен агресор во содејство со внатрешен непријател; заедно со многумина ранети и загинати од неговата чета. Беше жив само дваесет и четири години и еден месец…Зошто велам залудна? Не можам да одговорам со два-три збора.

Јас:

-Многу сакам да знам. Те слушам со внимание. Кажувај надолж и нашир. Цел ден е пред нас, а и добар дел од ноќта.

Ристо од Петар:

-Не, не ми треба толку време. Особено зашто немам намера детално да ги образложувам моите стојалишта за војната од пред дваесетина години, во која загина тој. Особено не за последиците од неа.

Јас:

-Нема проблем. Нема ни да те прашувам за нив.

Овојпат се најдовме на видиковец на јужната страна на Градец, десно од населбата со многукатници викана „Еколошка“; височинка со извор на лековита вода за болни очи. Претпладне, девет часот и четириесет минути. Ден ведар, небо облачно.

Ристо од Петар:

-Залудноста на таа војна и залудната погибел на многу млади животи беше знајна и разбирлива од почетокот, додека траеше, па сè до ден-денес. Ја предизвикаа, ја почнаа и ја развија туѓини со непосредна активни и пасивна, воена и политичка соработка на внатрешни властољупци, политиканти, мафијаши и терористи. Сè со една цел: да се разниша државата, да се разбијат сите чинители на нејзиниот одбранбен систем и сите елементи на нејзиното устројство. И сè под плаштот на борба за правда, правичност, еднакви права, лична и колективна слобода. Всушност за разнебитување на народот и неговата држава, поделба на општеството по сите основи и територијално прекројување на регионот во договор со соседи.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас:

-Тоа е познато. Да, и со сесрдна поддршка на силите на злото, како што нагласено ги именувате вие мртвите најмоќните западни држави во светот во овој момент, предводени од олигархиски власти на најмоќната меѓу нив. Но…Не ми е баш прифатливо дека е залудна која било војна досега се водела или која било се води сега. Следствено, дека постои залудна погибел…Самиот многу конкретно и прецизно ги наведе целите на војната во која животот го загуби брат ти Коста. Исто така конкретно и прецизно наведе дека тој е убиен бранејќи ја границата и независноста на татковината.

Ристо од Петар молчеше некоја минута наведнат над камената ограда, загледан во далечината. Го гледав втренчено. Продолжи по длабока воздишка:

-Не си ме разбрал. Залудноста е директно или индиректно поврзана со волјата, замислата, целта на оној што ја осмислува, ја предизвикува, ја поттикнува, ја води и насочува…ја режира. Неретко скришно, таено не само за завојуваните, туку и за нивните поддржувачи и соработници. Затоа се смислува друга, лажна, за која се оправдува жртвата и саможртвата.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Секоја војна е залудна за едната страна. Речиси без исклучок на онаа што нешто брани или се брани. Тоа е секогаш нешто големо, без кое просто не се живее. Како што е одбрана на личната и колективната слобода, националниот идентитет, територијалниот интегритет на државата. Залудна не толку со оглед на силата и целта на противниците, колку на нивната крајна очигледна или вешто затаена цел.

Јас упорен:

-Сега самиот докажа дека ниедна војна не е залудна за завојуваните, за судрените страни, но и за оние што стојат зад неа, ја поттикнуваат и ја разгоруваат. Со оглед на силата и целта. Јас би додал и со оглед на сојузништвото кое подразбира спомагање. Инаку, се согласувам дека во ниедна досегашна војна во историјата на човечката цивилизација не биле само две завојувани страни. Во секоја биле вмешани други. А што се однесува на залудноста на жртвите и саможртвите во војните, но и на предизвиканите разурнувања и штети, тие зависат не толку од осознаената немоќ, колку од исходот пред крајот или на самиот крај…Ако брат ти Коста бил свесен за залудноста или не ја осознал пред самоти смрт, тогаш ја предизвикал во разочарување, па и очај, на граница меѓу храброст и лудост…Што вели сега мртов, заедно со ближните мртви во твојот и семеен гроб?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар пак молчеше некоја минута. Потоа се исправи, ме загледа втренчено, па одговори бавно како да ги избира и мери зборовите пред да ги искаже:

– Заедно жалиме по неговата младост и ридаме. Беше жив само дваесет и четири години и еден месец…Јас го поттикнувам да се обиде да биде како јас, мртов како жив, па заедно одвреме-навреме да се замешуваме меѓу жививе луѓе на Страдец. Верувам дека ја поседува таа способност. Но тој одбива. Не се ни помрднува, а камо ли да излезе од својот мрачен агол на гробот.

Беше точно пладне кога го завршивме разговорот за погибелот на брат му, за залудноста на војната, жртвата и саможртвата во неа. Го изненадив со прашање:

-Што мислиш за забраната на Бога да не се разговара со мртвите?

Ристо од Петар:

-Ти ја прифаќаш?!

Јас:

-Што знам…

Тој:

-Ај другпат за тоа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here