МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 4 минути

32.

Гледам и знам дека ве збунуваат многу нешта за мене, од мене, во мене од други, со други. Се обидувате да си одговорите, но никако не ви оди. Имате прашања кои како да одбегнувате да ми ги поставите. Не морате, еве мој еден одговор за сите: сè е како што е. Што значи дека досега немало, сега нема и отсега ќе нема ништо нејасно, ништо збунувачко. Особено не случајна или намерна грешка.

На пример моите години. Еднаш, во разговор со Наум од Благој за поразот од лицемерието, што доаѓа до израз особено при обзнанување на исчезнување на видни личности, мислечки луѓе, учени, научници, истражувачи, творци, оние што со своето дејствување и со своите дела го придвижуваат светот напред, кажав дека имам четириесет и шест години. Од друга страна, постојано нагласувам дека сум дамна мртов, пред веќе полни девет години. Од трета, за син ми Јане кажав дека е веќе на педесет и три години, по лик и става ист јас на исти години, а снаата Борјана (досега ја претставив како Борјана од Димитар?) е четириесет и седумгодишна, на лице како девојче. Нелогично? Грешка? Се разбира не.

Да разјаснам: јас утре или задутре ќе имам педесет и пет години. Како тоа? Едноставно, на четириесет и шесте години додавам дека сум дамна мртов. Значи, ги додавам деветте изминати години од мојата смрт. Мислам дека позадутре ќе имам триесет и осум, а може да бидам во некоја година од осмата деценија. Зависи од моето моментно расположение како мртов и мртов како жив, како и од важноста на делот од моето приклучение. Разбравте што сакам да кажам?

Сакам да кажам дека по моето физичко исчезнување, по мојот замин од живиот свет годините не значат и не вредат ништо. Сакам да кажам дека моето постоење по смртта е безвременско и севременско. И тоа е суштествената разлика меѓу нас мртвите и мртви како живи и живите; нивниот живот го придружува времето, едновремено ограничувајќи го со години, месеци, недели, денови и ноќи. Што се однесува, пак, на годините на син ми Јане и снаата Борјана од Димитар, живи и мошне важни во моето приклучение, тие исто така не значат и не вредат ништо кога се со мене, за мене и во мене. Тоа значи дека додека сме заедно и нивното постоење е безвременско и севременско.

Сосем е поинаку со просторноста. Кога станува збор за неа, на мртвите и мртвите живи како јас таа е идентична со на живите. Не само дека се блиски едни со други и кога се меѓусебно далечни, туку се и ограничени неретко со непремостливи граници. Проблемот на оддалечувањето, мислам на преселбите и разделбите, е непосредно и посредно поврзан со паметењето и заборавањето, поточно со личниот и колективните идентитети. Другпат ќе посветам посебно внимание на него.

Некој од живите деновиве со право ми забележа за мојот брак со Магда од Насто: зошто досега само ја спомнав патем, во два-три збора, а единствено со неа имам рожба-синот единец Јане? Кажав дека ме напушти, просто исчезна едно утро оставајќи ми го Јане на две години, како и дека не бевме во којзнае каква љубов. Ни трага од непорочна, а особено не достојна да стои меѓу молкот и тишината, како и меѓу животот и смртта, како и меѓу стварниот и заумниот свет. Само спомнав дека тој брак го одржував четири години одвај поднесувајќи се, но одбегнав да образложам зошто просто исчезна едно утро. Прифаќам дека забелешкава е сосем наместо. Сега ќе се поправам, со нагласка дека ова од мене ќе биде последно за неа и за нас.

Имав дваесет и осум години, може и триесет и три но не помалку кога ја запознав Магда од Насто. Таа имаше дваесет и три, може и пет-шест години повеќе. Беше мошне убава, висока, стројна; со широки погледи и не баш цврсти ставови за животот и смртта. Јас бев уште жив, беспрекорно здрав и со штотуку засилена творечка енергија. Се разбира, беше и таа, без спомнување, камо ли навестување на смртта како напуштање, како заминување од живиот свет. Беше на звршна година на студии по историја на уметноста кога се вљубивме и почнавме да живееме заедно и самостојно, значи вонбрачно; притоа, вардејќи се да не забремени ни случајно. Изнајмивме стан во Страдец, близу до универзитетскиот комплекс. Тоа беше во време кога љубовта меѓу мене и Вера од Јане сè повеќе ја зафаќаше рамнодушност, а со Јасна од Спасе веќе интензивно создававме заеднички сликарско-вајарски дела сигурни дека љубовта ни е и безвременска и севременска. Сакам да нагласам дека не се интересирав, никогаш не ја прашав од каде е и чија е. Сама ми рече дека не е од Страдец и во него нема свој ближен. Татко ѝ Насто не успеал да го одржи семејството ни додека бил жив, ни по смртта. Не помина многу време на нашата, ќе ја наречам благонадежна љубов кога ја запознав со Јасна од Спасе. Не дознав и до ден-денес не сум ја прашал зошто не ѝ се допаѓаше, имаше одбојност спрема неа.

Не се довардивме. Забремени по нецели седум месеци. Ѝ предложив брак, а таа прифати веднаш, без двоумење. Најважно во него: често многу, дури жестоко се каравме. Најмногу поради нејзиниот некритичен однос спрема апстрактното сликарство. Го сведуваше на изразување на слободата на креативниот дух; имаше свој став дека е без каква било смисла и содржина. Го изедначуваше со поп-артот.

Сокрив од Вера од Јане дека сум се забрачил. Тоа вешто го криев сè додека Магда од Насто просто не исчезна. Дотогаш ми веруваше дека сме во некаква за секого тешко дефинирана вонбрачна врска; без никакви обврски, нè врзува само детето што ни дошло неочекувано, во небрежен и страсен сексуален однос. Јане беше роден, имаше полни две години кога го дозна тоа од мене. Моја изневера? Ни тогаш тоа не ѝ значеше ништо, а не ѝ значи ни сега. Веќе бевме прилично рамнодушни еден спрема друг. Обајцата свесно одбегнувавме не само секс, туку каква било интимност. За разлика од неа, Јасна не го одобруваше тој брак. Додека траеше, нашите средби ги сведе само на соработка во изработка на мои сликарски и нејзини вајарски дела. И тоа секогаш заедно со Вера. Сакам уште еднаш да нагласам дека и Јасна и Вера многу се радуваа кога се роди Јане. Нормално, особено кога Магда ме напушти оставајќи ми го Јане. Во меѓувреме се јави од негде за да ја раскинеме брачната врска, со обострано олеснување. До ден-денес не знам од каде.

Повторувам, го изгледавме Јане, го пораснавме, го школувавме, го направивме човек јас, мајка ми Славјанка од Владимир и татко ми Петар од Славе. Бог да ги прости. Јасна од Спасе и Вера од Јане ни помагаа сесрдно и со речиси мајчинска љубов.

Leave the first comment