28.
Белки не треба да нагласувам дека јас како тој е често заедно со Ристо од Петар. Се разбира, не само поради неговото приклучение кое му се чини интересно, па и важно за секого. Најпрвин зашто е тој дамна мртов, веќе повеќе од девет години, но и мртов како жив кога ќе посака. (Можеби е поточно да се каже кога тоа му го дозволуваат неговата природа и неговата расположба, а особено кога ќе се најде меѓу паметењето и заборавот.) Нагласувам дека тоа не е тоа зашто со приклучението се откриваат, се доближуваат, се испреплетуваат, постојат како наспоредни или со него едноставно животот е живот, а смртта смрт; туку како показ, може и доказ дека минатото, сегашноста и иднината се исти, со иста тежина и исто значење. Неретко и со иста содржина кога е збор за човековиот опстанок на одреден свој простор, на свое парче земја. Притоа, треба да се има предвид љубовта која секогаш и секаде ја брани нивната единственост. Јас како тој е често заедно со Ристо од Петар и крај неговиот гроб, гробот на неговото семејство; но и во стариот град во урнатини, од археолозите и историчарите сè уште неоткриено како се викал, и во улица, на плоштад, на шеталитште, во парк, во близина или околина на велеградот Страдец.
Тој во први зори дојде на гробот на Ристо од Петар да се подружат некое време, да си поприкажат за нешто од или во врска со неговото приклучение. Стави мал букет цвеќе, запали седум свеќи, за секој упокоен во гробот и почека минута-две да излезе од него.
Тој:
-Здраво-живо, Ристо од Петар. Изминаа две ипол недели откако бевме заедно последен пат. Како си?
Ристо од Петар со радосен глас:
-Здраво-живо, драг пријателе. И јас посакав да се видиме и да си поприкажеме. Како можам бидам како мртов и мртов како жив, освен добар и многу добар? Да не речам одличен.
Тој малку зачуден:
-Зошто да не речеш?!
Ристо од Петар:
-Ретки се што велат. Не е од некаква скромност, туку зашто нема и не може да има одлични ни меѓу мртвите ни меѓу живите на светов и веков.
Тој малку нестрпливо:
-Ај да не се фаќаме сега за тоа. Да ја оставиме таа тема за другпат…Одамна не сме зборувале за твоите во гробов. Со кои си, со кои, како што знаеш да речеш, го живееш својот мртов живот.
Ристо од Петар:
-Во право си, не сме зборувале. Има што да прикажувам за нив…Мислам дека досега сум раскажал само за редот на нивните упокојувања…А да, и за лутењето на татко ми Петар од Славе за мојата прерана смрт…Од друга страна, постојано споделувам многу нешта со нив, особено од минатото и сегашнинава. Од трета, јас добро знам дека тие допрва ќе имаат важна улога во моето приклучение. Не еднаква со онаа на љубовта, но секако несомнена.
Како во животот, кога сите би биле живи, дедо ми Јоаким од Атанас како прв е тој што се слуша најмногу. Не ги држи конците во свои раце, одамна им ги препуштил на другите и на мене, ама зборот му е најтежок. Не знам, можеби затоа му е редок. Речиси не станува од триножното столче крај огништето, во аголот лево од мојот. Никогаш ми нема речено, но мислам дека е задоволен оти сме сите заедно, упокоени во гробов. Иако ни е одамна претесен. До него десно е баба ми Раска од Гордан. Самата ми кажува дека имало љубов меѓу неа и дедо ми, а таа го сакала и го гледала многу повеќе одошто тој неа. За татко ми Петар, баба ми Раска, сестра ми Роза и брат ми Коста ќе ти прикажувам другпат. Сега некако само по себе ми се наметна едно нешто во врска со мајка ми Славјанка од Владимир.
Седна на мермерната надгробна плоча, ги собра нозете како да се стутка во себе, ја потпре главата со десната рака и и помолче некое време замислен. Избираше спомени и зборови што ќе бидат наместо за нив? Тој не почувствува потреба да го зазбори.
Му раскажа:
-Пак да кажам зашто е многу важно: таа беше во животот жена со многу трпеж, а смртта ја пречека на нозе, здрава и права, на осумдесет и девет години. Едно утро отиде во бањата да се измие и по малу време чувме тресок. Кога ја отворивме вратата ја најдовме мртва спружена на подот, со раскрвавена глава. Мозочниот удар бил толку силен и мигновен што не можела ни да помисли зошто, како, од каде ѝ се случило. Сега, кога се навраќа на својата смрт тврди дека долго време имала главоболки и брзо снеможувала, ама не ни помислувала дека е тоа нејзино навестување. Мислела дека е од промена на времето зашто баш тогаш најмногу ја болело глава и губела снага.
Знаеш кој е најголемиот проблем на живиот свет кој незапирливо се растура и сè побрзо ја губи човештината? Дека му значи сè помалку, дури ништо не му значи улогата на жената во семејството. Особено како мајка и негов стожер. Само помисли на мајчината љубов, колку е таа суштествена за раѓањето, одгледувањето, растењето и зреењето на рожбата. Да, мајка ми Славјанка од Владимир беше во животот и е во смртта токму тоа-стожер на семејството, на животот во гробов. Таа не ја искажува, воопшто не ја наметнува мајчинската љубов. Ние ја чувствуваме како струи, како ни ја грее срцевината на нашите коски.
Интересно е и неразбирливо за повеќето, да не речам за сите живи: дедо ми Јоаким од Атанас, татко ми Петар од Славе и јас се слушаме најмногу, јас и татко ми ги држиме конците в раце, од нас машките, вклучително и од брат ми Коста практично зависи сè, ама никој од нас одделно и заедно не можеме без нејзината мајчинска љубов.
Знаеш што? Славјанка сè почесто нафрла дека гробов ни е претесен и треба да ги натераме син ми Јане и снаата Борјана со наша секаква помош да направат гробница. За нас и за наши ближни кои допрва ќе се упокојат. Голема колку гробницата на богатиот староседелец од црн мрамор, во форма на кораб.