27.
Ми се искажува Ристо од Петар:
Во врска со мојот свет, светот на мртвите, живите како на мртов ми поставуваат некои глупави прашања на кои ми е глупаво да одговарам. Одговарам некогаш шегобијно, но најчесто како божем да сум ги промислил, а одговорите ми се дефинитивни и беспоговорни. Од таквите најчести се оние што се однесуваат на постоењето машки и женски пол (да, дури и дали тие постојат меѓу мртвите!), љубовта и сексот. Баш глупави прашања на кои ми е глупаво да одговарам, па одговарам или поради пристојност или зашто не знаат колку светот на мртвите и светот на живите се и исти и слични и сосем различни. (За наспоредноста веќе кажав што мислам.)
Му велам на секој што прашува за половите:
Се разбира, како што постојат машки и женски пол меѓу вас живите, постојат и меѓу нас мртвите. По смртта претставниците на едниот и другиот просто ги пренесуваат и траат, исто како коските. Нормално, се разликуваат според функцијата во нивната меѓузависност. Во вашиот жив свет тие во најголема мера служат за репродукција (притоа одбегнувам да навлегувам во проблематиката на истополноста, конкретно хомосексуалноста, лезбејството, па на мастурбацијата, вешатчкото оплодување и слично), освен функциите во комплеклсното функционирање на организмот. Кога е збор за нашиот односно светот на мртвите, половите со време, како и сите други органи полека атрофираат и се распаѓаат, за конечно да се измешаат со земјата во гробот, да исчезнат во неа. Притоа потсетувам на она што се нагласува при нашето упокојување: „Земја си и пак во земја ќе отидеш“.
Оној што ме прашува продолжува да прашува глупаво:
Па како остануваат, постојат и во смртта кога, како што велиш, и тие се распаѓаат како целото тело? И која е функцијата во нивната меѓузависност како атрофирани, распаднати, исчезнати, сторени земја?
Никогаш не го губам трпението, па му одговарам:
Зар не знаеш дека половите кај живите не се само органи, туку и смисла и содржина и определба на личноста?! Особено потврда на два блиски, а различни света кои ту се испреплетуваат, ту се оддалечуваат еден од друг во зависност од конкретното докажување на единственоста на опстојот? Ништо не знаеш за заедништвото помеѓу нив при создавање, градење и надградување на човечката заедница; од нејзината основна клетка семејството, па сè до државата и општеството? Јас и како мртов и како жив можам надолж и нашир да ти изложувам колку сме и мртви рамноправни и ги споделуваме обврските и одговорностите меѓу половите.
Прекинувам зашто веќе не можам да издржувам да бидам сериозен.
Најмногу прашања на кои ми е глупаво да одговарам, а одговарам некогаш шегобијно но најчесто како божем да сум ги промислил, се оние за љубовта. И што е за мене особено интересно, најмалку се однесуваат на сексот.
Секое мое одговарање за љубовта во светот на мртвите наспоредно со неа во светот на живите го почнувам со себеси како пример, со делот од моето приклучение кое се однесува на некои мои љубови продолжени досега, до овој смртен момент.
На пример:
Дали и кај мртвите една е и единствена љубов меѓу повеќе односно многу? Нели многу глупаво прашање? Мојот одговор?
На пример одговарам со реторичко прашање: нели кај секој жив човек во кое било животно доба се случуваат повеќе односно многу љубови од кои до смрт останува една и единствена?
И како божем долго да сум промислувал, одговарам дека не само што имаат една и единствена, туку дека е таа несомнено непорочна, безвремена и бескрајна. Сеедно дали е таена, сокриена длабоко во срцето или не е, толку е извишена што да може секој да ѝ се восхитува.
Се задржувам на мојата љубов спрема Јасна од Спасе, заедничката живеачка љубов со Вера од Јане и таената љубов што веќе ја раскажав. Познато е, меѓу мене и Вера, која е сè уште жива, живеам кога сум мртов како жив во приземната куќа на ридот изградена врз темели на опожарена куќа, веќе нема љубов. Рамнодушни сме еден спрема друг, а тоа значи дека и кога имаше не беше тоа. Иако не е една од минливите, неважните, да речам безвредните. Јас мислам најмногу зашто се докажа оти е неротка како Јасна од Спасе, а таа е убедена дека не е тоа, туку немаме творечко заедништво. Да, создадовме заеднички поетско-сликарски дела, но тоа се минорни во однос на сликарско-вајарските со Јасна. Несомнено, љубовта со неа ми е далеку над речиси угаснатата со Вера. Раскажувањето на таа љубов, пак, секогаш го завршувам со посочување на моето големо претсмртно дело за непорочната љубов, на платно шест метри долго и четири метри широко.
Единствената љубов како сосем иста кај живите и мртвите, па и кај живите како мртви, како кај мене, секогаш ја докажувам со меѓу мене и познатата и многу убава артистка со завиден број беележити театарски и филмски улоги. Веќе ја раскажав. Се сеќаваш, нели? Жива е, таена и од мртвите и од живите. Често ми доаѓа, остава на надгробната плоча крај мојата фотографија една црвена роза, која за мене е наша рожба, пали свеќа, разговараме за сè и сешто и водиме љубов додека свеќата сосем не изгори. И на тоа се надоврзуваат глупави прашања за сексот. Главното: можен ли е меѓу мртов и жива или меѓу мртва и жив? Би било помалку глупаво да се прашува дали е можно водење љубов кое, нели, не мора да заврши со секс.
Ако се има предвид мојата единствена, а таена непорочна љубов, се разбира дека е можна. Исто како меѓу живите. Иако и таа, како многумина, да не речам сите живи, смета дека не е можна рожба меѓу нас, јас дамна мртов, а таа жива. Исто како кога таа би била мртва, а јас жив. Како врв на непорочната љубов. Во последно време најчесто разговараме за неа како продолжение на животот и неговото вкоренување во наши простор и време. И заклучуваме дека ќе има рамновесие меѓу раѓањето и животворноста тогаш кога луѓето ќе научат дека и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи.