Мажи

Потребно време за читање: < 1 минута

Се собрале мажи без жени
Во снага јуначна
Да бранат домашно огниште
Сè уше неугаснато
Сè уште непеплосано
Штом разбраа дека без жени
Е исто како без живот
Сегашен и иден.

Се собрале околу оган
Со пламен до ѕвезди
Во длабока ноќ
Од најмлад до најстар
Најпрвин да се договорат
Кој ќе биде напред кој среде
Кој зад
Дали во редови или во круг
Какви орадија и оружја
Ќе ги направат посилни
Појуначни
Како најдолго ќе го бранат
Како сигурно ќе го одбранат
Домашното огниште дури
Не стасаат жени плодни
Што ќе им подарат потомци.

Дури рано пред зори успеале
Да се договорат
А и да изберат мажи јуначни
Кои ќе ги пречекаат жените
Со љубов
Крај домашното огнипште
Сè уште неугаснато
Сè уште непеплосано.

Од кого од кои треба
Да го одбранат.

Тоа се знае одамна
Од нивни дамнешни предци
Што биле и се отсекогаш
На оваа исконска земја
Од смрти во мразни срца.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 16