-И јас си имам само своја тишина.
-Мислиш како што има секој своја? Како откри и осозна дека има секој? Не се согласувам сосем.
-Се разбира дека нема секој. Само велам дека иама и јас. Значи, како многумина други. Само моја, лична и неспоредлива со на друг. Специфична, единствена…Широка, длабока, во мене и јас во неа секогаш кога ќе посакам.
-Се обидуваш да напишеш песна за неа? Не те знам како поет.
-Ма каква песна?! Не сум поет. Само сакам да се знае дека си имам своја тишина. И тебе да ти ја прикажам накусо. Дека сме пријатели.
-Сакаш да кажеш дека таа не е за прикажување на секого затоа што е лична?
-Логично…Ти го кажав најважното за неа: широка е, длабока е, во мене е и јас сум во неа секогаш кога ќе посакам. Сакаш подетално?
-Сакам.
-Мојата тишина е широка и просторно и временски. Некогаш повеќе просторно одошто временски, а некогаш е подолготрајна од опфатениот простор во мене и надвор од мене. Кога е повеќе просторно широка, јас сум поспокоен од вообичаено, а кога е подолготрајна внимавам да не ме зароби што да не можам да се ослободам од неа кога ќе посакам.
Реков дека мојата тишина е длабока. Да, таа е некогаш толку длабока што, доколку не внимавам, може да ми се случи да потонам во неа, па којзнае дали ќе имам сила некогаш да излезам. Да, некогаш наликува на бездна. Но, и колку што е длабока, мене ми е драга. Да, со неа може и да ме спокои.
Ти реков дека мојата тишина е секогаш во мене и јас сум во неа секогаш кога ќе посакам.
-Признавам дека тоа ме интересира најмногу.
-Добро…Па, да ти кажам…Таа е во мене секогаш некогаш како притаена, негде меѓу свеста, самосвеста и потсвеста, а некогаш како предвесничка на причинска или последична расположба. На пример, се радувам што по многу време сум со некоја стара љубов, па тишината во мене просто ме тера да молчам или да зборувам брзо и незапирно.
Јас сум во неа кога ќе посакам не затоа што тоа зависи од колку време сум јас без неа или таа без мене. Имено, во некои ситуации и состојби посакувам да сум во неа по едвај надминати премрежја. Во некои, пак, не бидејќи знам колку знае да биде за отуѓување од луѓе, повлекување во самост и рамнодушност.
-Имаме ли ние наша, заедничка тишина?
-Ако сакаме, ако ни треба, може да имаме.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 40




