Теодор Вишен знае нервозно и со повишен глас да збори за прашања и проблеми на совремиево кои се чини дека се ненадминливи од една, а од друга страна го ништат човечкото во човекот. Како што се на пример неискреноста и дволичноста. Или лицемерието.
Збори, а не му се збори:
-Лесно со лицемерните непријатели, а уште полесно со лицемерните пријатели. Мислам пред сè на пројавувањето на лицемерието. И на едните и на другите не им треба многу време за тоа. А тоа, пак, истовремено значи дека отворено, без никакво прикривање се насочуваат кон човекот што им е цел-да го освојат, да го заробат во себе, да го заразат со својата расипаност.
Да, лицемерието во најголема мера е расипаност на карактерот како комплексна структура. Од која тргнуваат постапките, однесувањата и дејанијата.
Го поттикнувам да продолжи со својот исказ за имашливоста на лицемерните наспроти или во судир со искреноста и чесноста на сиромашните.
Нагласува:
-Се разбира дека и сиромашен може да е лицемерен, но тоа многу поретко од имашлив. Не мора ни наспроти или во судир. Сепак, многу е полесно совреме да се открие лицемерието на имашливите одошто на сиромашните. Поготово кога е збор за искреноста и чесноста. Нив речиси ги нема кај имашливите, што е трагично пред сè за самите нив, а кај сиромашните токму искреноста и чесноста им ја прават сиромаштијата подлабока и уште попоследична. Сè почесто слушам и гледам дека искреноста и чесноста речиси не постојат во светот на бизнисот. Ги маргинализира, во корен ги ништи интересот сосе лицемерието.
Го поттикнувам да се искаже за расипаноста и простаклакот на карактерот на современиот човек, чиј дел се или од кои произлегува лицемерното однесување на политикантите. Му нагласувам дека според мене тие се најлицемерни ставајќи си на лицата маски на политичари.
Он продолжува со рамнодушен глас:
-Апсолутно си во право. Дотолку повеќе што речиси не можам да посочам на предводник на партија кој е прав, докажан, угледен политичар. Напротив, и предводниците и најтесните раководства на партиите кај нас во најголем број се политиканти од кои и директно и индиректно зависи напредокот или деструкцијата.
Теодор Вишен за лицемерието во неговата сè уште необјавена збирка со мисли и ставови:
Маска на лице според целта и можностите како да се стигне до неа.
Дволичните и безличните секогаш се заедно со лажливците.
Лицемерот најчесто успева да изгради успешна кариера. Затоа што лицемерието му е моќно оружје и за напад и за одбрана.
Устата на лицемерот му е секогаш полна со фалби за чесен.
Прва задача што пред себеси си ја поставува лицемерот во друштво е на друштвото да му се допадне.
Најголемо лицемерие е богат да убедува сиромав дека богатството создава поголеми проблеми одошто сиромаштијата.
Лицата под маски се најслични со маските без лица.
Нечесно е да се преправаш дека веруваш во она за што се залагаш.
Многу се ретки дволичните со само две лица.
Нема ни минато ни иднина општество во кое лицемерието е сеприсутно.
Лицемерот лицемерно му се спротивставува на лицемерието.
Лицемерните запињаат од петни жили да го прикријат, ако веќе не успеваат да го сокријат своето лицемерие.
Најмногу подли зборови од устата на лицемерот.
На поврвнината блештавило, во внатрешноста мрачило.
Толку се навикнале да се преправаат пред други, што не ни забележуваат дека и тие се преправаат како нив. Преправањето пред самите себеси, пак, им станало природно.
Се преправаат дека немаат никаква врска со преправени.
Крадците се големи лицемери.
Колку знае лицемерот? Многу. Просто не знае што не знае.
Пред тебе зборува добро за тебе, а зад тебе уште подобро за оние што се против тебе.
Лицемерно мамат на секаков начин.
Политичари кои се борат за васт за да страховладеат лицемерно им се додворуваат на оние кои можат да им помогнат некако во таа борба.
Божемна љубов на лицемер-длабока омраза.
Злото на лицемер погодува неочекувано.
Лицемерие:
Едно за да имаш, друго за да правиш; едно си збориш, друго си мислиш; едно ти е за право, друго за криво.
Лукавоста и лицемерието се две страни на безвредна паричка.
Лицемериш зашто имаш скриени намери.
Ем големец ем голем лицемер.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 35
