Култура-Уметност-Цивилизација

Тивки клокоти

Секој народ со своја препознатлива култура. Што си  ја брани од насилие, негирање, кражба, и без престан си ја богати. Секој исконски народ има голема и длабоко вкоренета култура во својот опстанок.

Уметноста во најопшта смисла е создавање дела во кои тлее жар на трајноста. Трајните дела однатре горат и го пеплосуваат секој што не е кадарен да ги вреднува, да се гордее со нив и да ги восприма како свои.

Уметноста на сегашноста не живее без свое минато, ниту ќе живее утре ако денес не покаже или барем навести нови стремежи, цели, форми и содржини.

За сегашниот и идниот развој на човечката цивилизција од суштествена важност е да се откријат трагите и осознаат вредностите на старите и исчезнатите цивилизации. За сегашниот и идниот опстој на цивилизацијата од суштествена важност е да се открие и осознае дали бавно, забрзно или мигум исчезнале; и зошто.

Она што е одамна знајно и денес се докажува: нема развој, нема иднина цивилизација без култура, особено уметност во неа. 

Прочитај и за ... >>  И покрај сè

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 102   

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.