Кога почнале да се користат парфемите?

Потребно време за читање: 2 минути

Парфемите се произведуваат исклучиво поради нивниот пријатен мирис. Тоа се алкохолни раствори на природни и вештачки материи. Најчесто се составени од растителни етерични масла, а за фиксирање на мирисот се употребуваат мирисливи смоли (перубалзам, бензоева смола и сл.) и материи од животинско потекло (амбра, цимет, мошус и сл.).

Синтетичката хемија синтетизирала бројни органски споеви (етери, естери, алдехиди, кетони) кои се или идентични со природните мирисни материи или имаат сличен мирис како нив. Фините модерни парфеми можат да содржат и повеќе од 100 различни состојки, со кои се настојува или да се имитира мирис на цвеќе (цветни парфеми) или да се оствари комбинација на мириси кои ги нема во природата (фантазиски парфеми).

Парфемите во потесна смисла или тн. екстракти содржат 10-25% парфемски концентрат. Тоалетните и колонските води се производи со околу 2-6% концентрат.

Најстарите податоци за употреба на мирисни материи потекнуваат од Египет (4.000 години пр.н.е.), а напомена за рецепти за нивно подготвување се наоѓа во една од најстарите библиски книги, Книгата на излегувањето (XXX,34). Примитивни направи за дестилација и екстракција на мирисни растителни масла се спомнуваат и во санскриската литература.

Мирисните материи веројатно најнапред служеле за култни цели (парфимирање на мртовци, балсамирање), а се сосгоеле најмногу од смоли или балсами, кои имале и антисептичко својство. Вавилонците и Асирците палеле темјан при егзорцистички обреди. Во античка Грција била развиена употребата на ароматични масла во личната тоалета. Грчкиот ботаничар Теофраст (умрел околу 287. пр.н.е.) напишал посебна расправа за процесот на екстрахирање на парфеми од цветни латици. Во царскиот Рим употребата на парфеми имала многу големи размери. Приказната вели дека царот Хелиогабал (204.-222.) се капел во вино од ружи. Просториите за гозби и свечености, па дури и за јадења, во Рим се прскале со мириси, додека конечно со закон не било забрането тие да се трошат во приватни цели.

Старото христијанство забранувало употреба на мириси како грешно телесно уживање и синоним на разблуденост. Но на почетокот на средниот век мирисот ја добива својата стара литургиска функција во црковните обреди, па понекогаш се појавуваат и парфеми за лична употреба, иако се сметаат за голем луксуз. По крстоносните војни употребата на парфемот преку Арапите, кои (во 11. век) ја откриле постапката за нивна дестилација со помош на алкохол, повторно продира во Европа.

Во времето на ренесансата производството на парфеми е концентрирано во Италија (Фиренца, Венеција), а оттаму во 16- от век преминува во Франција (Грас, Кан, Ница), која наскоро станува светски центар на парфимеријата. За време на Луј XV употребата на парфеми толку се раширила на дворот што со етикета биле пропишани одредени мириси во одредени денови.

Бизарен културно-историски факт е дека во 18. век, поради запоставување на личната чистота и хигиена, парфемот ги надоместувал водата и сапунот во Англија и Франција.

Кон крајот на 18. век во Германија започнало производството на колонска вода, која оттогаш станува омилено и многу потребно тоалетно средство. Од 19. век, по пронаоѓањето на синтетички мириси (1855.), парфемите се додаваат на тоалетни сапуни, води за нега на лице и коса, пудри, креми и сите козметички препарати.

Leave the first comment