Удриле кавга штурец и мравка на ден-два пред почеток на лута зима. Траела кратко, а би траела долго ако на штурецот не му влегол есенско-зимски студ во коски, а мравката не успеала во својот амбар да го собере последното зрно жито. Кавгата ја почнал штурецот оти мравката го извадила од тактот со тоа што му префрлила за мрфзеливоста пред секој студ. На премалената мравка не ѝ било до ништо, особено не до кавга. Седнала во сенка на едно дрво колку да здивне, па всушност таа е виновна што траела кратко. Ако може така да се рече.
Штурецот:
-Басната за мене и за вас мравките е тотално лажна, а згора на сè баснописецот е ептен пристрасен. Во неа мене ме оцрни како мрзелив кој од пролет до зима саде си свири и си пее, што да не можам да се препознам во огледало, а тебе и твоите мрави-роднини и пријатели како вредни што да никој не ви е рамен.
Мравката:
-Како лажна?! Зарем не си како што си прикажан? Што правеше досега? Работеше или само свиреше и пееше? Во својот амбар немаш собрано ни зрно жито. Кој не те знае, прескапо те плаќа. Пак во зима ќе ми доаѓаш и ќе ме молиш да ти дадам некое зрно за да не умреш од глад. Не да не си мрзелив, ами си безобразен. Што ќе ти беше ако ми се придружеше, ако собираше и ти заедно со мене и со моите мрави-роднини и пријатели?
Штурецот:
-Е, тука те чекав, мравко фалена, та префалена. Точно, ти и тволите роднини и пријатели собиравте зрна жито во амбарите, ама јас баш со свирење и пеење ви го олеснував собирањето. Ве орасположував, ви давав поттик. Многу често лично тебе те имам слушнато како собирајќи ми се придружуваш, како пееш заедно со мене…Мислиш дека свирењето и пеењето се лесни? Прашај кого било од свирачите и пејачите како мене, па ќе слушнеш и белки ќе разбереш дека е тоа многу макотрпно. Ако не се контролираш, може брзо да пртемалиш, да се струполиш наземи, да го изгубиш здивот. За губењето на гласот ич да не правиме муабет…Сакам да речам дека мојата улога и во твојот случај, како во секој случај на макотрпно работење, е многу важна и несомнена. Да не го спомнувам талентот за музика кој ми е даден од Бога…
Мравката го прекинала среде збор:
-Знаеш што? Во оваа наша плодна, а сиромашна земјичка вие, свирачите и пејачите, не мислам само на вас штурците, ами и на другите безделници како вас, како на пример политичарите, политикантите и квазибизнисмените, толку се накотивте, а од друга страна ние мравите толку многу се намаливме, кој умре од работа, кој отиде во туѓина јабана, што многу скоро ќе нè нема нас, ама ќе ве нема и вас.
Сосема на крајот од кавгата, штурцот се досетил да ѝ дорече на мравката:
-Ти, мравко, добро знаеш, ама или си заборавила или се правиш наудрена дека во животот мора да се плаќа за сè. Па и за свирење и пеење. А тоа во познатата басна за штурецот и мравката не се ни спомнува. Би додал уште нешто: во зима и вам ви е до песна, впрочем како на сите работливи и неработливи жители на нашава земјичка, па се полни, дури преполни кафулињата и кафеаните во кои се свири и пее. Затоа јас на мора да се плаќа за сè во животот ќе додадам дека секој треба да си ја работи својата работа. За која го бидува или за која Господ му дал талент.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 50