fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Јазикот е мојата татковина: за политичкиот вокабулар

Јазикот е мојата татковина - аудио книга 3

Јазикот на јавната сцена отсекогаш бил повеќе од средство за пренесување политичка порака. Изборот на зборови, начинот на кој се гради реченицата, почитувањето на јазичната норма и културата на говорот стануваат дел од сликата што политичарите ја создаваат за себе, но и од јазичната средина што секојдневно ја слуша јавноста.

Со темата „Политичкиот вокабулар“ го отвораме првиот дел од „Аудио книга 3“ од серијалот „Јазикот е мојата татковина“. Текстот што следува е оригиналниот авторски текст од емисијата, создаден во времето на нејзината првична продукција. Затоа, конкретните оценки за политичкиот говор и за тогашните пратеници треба да се читаат како ставови на авторот во нивниот изворен временски и општествен контекст, додека прашањето што го отвораат – каков треба да биде јазикот на јавниот говор – останува поширока тема за јазичната култура.

Политичкиот вокабулар

Политизацијата на нашето севкупно живеење, на нашето секојдневје, го актуелизира прашањето на политичкиот дијалог, на комуникацијата со електоратот, особено во привлекувањето на што поголем број на гласачи. Притоа, не станува збор само за предизборниот период и времето на интензивната изборна кампања, туку многу пред и потоа, односно во текот на практицирањето на политичката власт и опозиционерската активност. Се расбира, мислиме пред се на непосредната и посредната комуникација, на обраќањето на политичките личности, на нивниот јавен настап. Мислиме на нивниот јазичен вокабулар, исказ, стил, на нивниот однос спрема литературниот (стандардниот) македонски јазик, на почитувањето на неговите норми- граматичките правила, на правоговорот.

Прочитај и за ... >>  Во 1969 Скопје собра 146 карикатуристи од 33 земји - и започна традиција што трае и денес

Кога познавањето и употребата на македонскиот јазик, уставно официјалниот јазик во Република Маскедонија, би биле прв услов за избор на претставниците на народот во македонскиот Парламент, за многумина сегашни избрани пратеници би немало место во него; воопшто не би биле избрани. Од парламентарната говорница, на секоја собраниска седница слушаме излагања и дискусии со, најблаго речено, нечист македонски јазик, дијалектни зборови и изрази, туѓи зборови,- изми, неправилни реченични конструкции, празна фразеологија, а за неправилното акцентирање и да не зборуваме. Забележуваме многу поголем напор за правилно говорење, што ќе рече почитување на македонскиот стандарден јазик, кај пратениците од другите национални ентитети, отколку кај македонските. Исклучоците само го потврдуваат правилото. Кога би се прашале нашите стручни и компетентни луѓе за јазичната проблематика, сигурни сме дека како услов за јавен настап на пратениците, воопшто за обраќање на јавноста, би поставиле напишан и лекториран говор, реферат. Го имаме Законот за заштита на јазикот, а него најмалку го почитуваат-спроведуваат оние што го донесоа.

Ораторството, кое можеме да го наречеме вештина или дури уметност на убедувањето, кое своите врвни дострели ги постигна уште во античко време, во нашево, кај нас, е непознаница за нашите политичари.

Прочитај и за ... >>  Петте самогласки и слоготворното „р“: како е устроен вокалниот систем на македонскиот јазик

Јавниот збор останува и јазичен пример

Од денешна дистанца, конкретниот политички контекст во кој е создаден текстот е историски, но темата што ја отвора не е ограничена само на едно време. Јавниот говор постојано се менува, како што се менуваат политиката, медиумите и начините на комуникација, но потребата од јасен, разбирлив и јазично одговорен настап останува.

Политичарите се само еден дел од поширокиот јавен простор. Новинари, професори, институции, јавни личности и сите што редовно им се обраќаат на голем број луѓе учествуваат во обликувањето на јазичната практика. Затоа, прашањето за стандардниот македонски јазик не е само прашање на правилна граматика или правоговор. Тоа е и прашање на културата на комуникација.

Токму тука е и пошироката вредност на „Јазикот е мојата татковина“: старите снимки повторно ги отвораат темите за јазикот пред нова публика и ни овозможуваат да слушнеме што било забележано тогаш, но и самите да размислиме што се променило – а што сè уште заслужува внимание.

„Политичкиот вокабулар“ е првиот дел од „Аудио книга 3“ на „Јазикот е мојата татковина“.

@panoptikum-mk

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.