Што е јазикот ако не многу повеќе од средство со кое разговараме?
Со ова прашање, директно или посредно, започнува првата аудио книга од серијалот „Јазикот е мојата татковина“ – проект создаден во продукција на Радио Гром пред околу 25 години, кој денес повторно го отвораме пред публиката преку Panoptikum.mk и е-Библиотека Паноптикум.
Во текот на 52 недели ќе репродуцираме 52 аудио книги, но паралелно ќе ги издвојуваме и нивните тематски целини. На тој начин, еден оригинален радиосеријал создаден во друго медиумско време добива нов живот – како аудио содржина, но и како материјал за читање, размислување и повторно отворање на прашањата за македонскиот јазик.
Воведниот текст од првата емисија ја поставува основата на целиот проект: јазикот како идентитет, комуникација, култура, историско паметење и простор во кој една заедница се препознава себеси.

Јазикот е мојата татковина, аудио книга 1
Јазикот е препознавање, опстојување и одбрана на личниот и колективниот идентитет. Тој не е само нормиран систем кој овозможува себеизразување, туку на човекот му отвора широки можности за комуникација со другите членови на човечкиот род. Со јазикот како нормиран говор – правоговор од оформени звуци и знаци, е возможен дијалог со светот, со природата, со минатото, сегашноста, па и иднината на човековата цивилизација. Тој е сушност на егзистенцијата, највисок дострел на биолошката, психо-физичката, социо-економската, културно-етичката структура на свеста и мислата.
Јазикот е жива материја. Мртвите јазици им припаѓаат на мртвите цивилизации. Едновремено, тој е динамична категорија. Тоа подразбира постојано збогатување со нови „содржини“, нови поими, термини и изрази, со кои не само што се адаптира на новите состојби на духот, промислата и идејата, туку и на новите простори на творечко себедокажување.
Притоа, потребата од постојано збогатување, односно адаптација, произлегува од именувањето на тие нови простори и состојби, предмети, појави, со што полесно и побрзо се откриваат, осознаваат и освојуваат. Следствено, неименуваното сè уште не влегло во човековата свест и нејзиното битисување, па оттука и не може да се употребува, да се користи како знаење и искуство.
Колку е пожив и подинамичен тој од напред на човекот, тој развој, просперитет, толку е пожив и подинамичен јазикот на една култура и цивилизација. Но, од друга страна, нормирањето на јазикот, односно правоговорот, претставува нужност на одреден достасан степен на развој на култивираната свест со кое се оформува и се зацврстува меѓусебното разбирање и дијалогот во рамките на една групација, заедница, колектив, нација, народ. Без негово нормирање не е возможна комуникацијата, не е возможно создавачкото – генерирачкото во човекот и во светот.
„Јазикот е единствената моја татковина“ е еден од темелните искази во поетиката на Блаже Конески, основоположникот на современиот македонски литературен јазик, на неговата граматика и правопис. Тоа е најсублимната дефиниција на сушноста, смислата и содржината, на опстојот на човекот во светот, на светот во човекот, на неговата просторно-временска егзистенција и идентитет, на одбраната на неговото минато и сегашност, на просторно-временската антиципација на неговата иднина.
„Јазикот е мојата татковина“ е насловот на програмскиот проект на Евергрин Гром радио со кој се потврдува една од неговите темелни определби и заложби: афирмација, негување, па и заштита на македонскиот литературен јазик и правоговорот.
Тој е дел од корпусот емисии посветени на културата и творештвото. Станува збор за проект – серија на емисии со утврдена и дефинирана концепција, пред сè едукативно-образовна, адаптирана на радио-изразот, на можностите што ги нуди радиото како масмедиум.
Содржи три главни сегменти или рубрики: граматика и правопис на македонскиот литературен јазик и правоговор, јазична практика и Зборовник, во два дела: речник на македонскиот јазик и народниот говор и речник на странски зборови и изрази.
Во рамките на првиот сегмент – рубрика, ќе се обработуваат граматичките правила и норми на јазикот, почнувајќи од гласовите, акцентот, формите и нивната употреба – поими од теоријата за зборовните групи.
Се разбира, основен извор на ваквиот материјал ќе бидат Граматиката на македонскиот јазик од Блаже Конески и Правописот на македонскиот литературен јазик, но и друга стручна литература, особено во запознавањето на слушателскиот аудиториум со речникот на науките за јазикот и одделните области како што се геолингвистиката, социолингвистиката, психолингвистиката, реториката, стилистиката, поетиката, семиотиката.
Во текот на реализацијата на проектот, на одделните емисии, како дополнителен или втор дел – програмски, директно на програмата, комуникациски – ќе остваруваме и програмско учество на стручни и компетентни луѓе од односната област, како и програмска соработка со научни и високошколски институции.
Втората рубрика – Јазична практика, ќе биде посветена на правилната употреба на македонскиот јазик и правоговорот, со укажување на неправилностите низ конкретни примери од нашата секојдневна меѓусебна комуникација.
Во вториот дел – реализација директно на програмата – ќе се даваат одговори на слушателите, при што на одделни прашања и проблеми ќе одговараат стручни и компетентни лица – лектори, лингвисти, стилисти, ретори, семиотичари, слависти и други стручни соработници.
Контактот со слушателскиот аудиториум ќе се остварува и со повремени анкети, расправи – дискусии, следење на трибини, семинари организирани од Радио Гром или од научни и културни институции, како Семинарот за македонски јазик и литература во Охрид. Ќе се презентираат и препорачуваат научни трудови, стручна литература и специјализирани списанија.
Рубриката Зборовник содржи исто така два дела: Речник на македонскиот јазик и Речник на странски зборови и изрази – толкување, односно објаснување на помалку познати зборови.
Од воведот кон јазикот како систем
Ова е само првата тематска целина од првата емисија.
Во следните објави ќе навлеземе подлабоко во нејзините останати сегменти. Ќе зборуваме за „Јазички факти, строеж, норма“, за врската „Граматика – правопис – правоговор“, ќе ја отвориме рубриката „Јазична практика“, а преку „Зборовник“ ќе се навратиме и на зборовите, нивното значење, потекло и употреба.
Четири различни влезови во истата тема – јазикот што го наследуваме, го употребуваме, го менуваме и преку кој се препознаваме.
Продукција: РТД Радио Гром
Автор: Љупчо Димитровски
Продуцент и тонски реализатор: Горан Димитровски
Стручен соработник: Стојка Бојковска, лингвист



