-Јасно ти е?
-Сè, и тоа одамна. Зашто за сè има повод, сè има причина и последица.
-Тоа е прилично претенциозно од тебе. Не е за верување.
-Па јас не го барам тоа од тебе. Ме праша и ти одговорив.
-Не почека да те допрашам за конкретно. За политичката наперченост.
-Исто како да ме праша за која било друга и за што било во врска со неа. Конкретно за неа ќе ти доодговорам дека е најнеснослива поради опфатот, раширеноста, насоченоста кон широките народни маси. Кои, пак, стануваат тесни штом по избори ќе се прераспредели политичкиот простор и ќе се затврдат политичките позиции. Можеби најважното: кога политичарите во власта и блиските до неа ќе почнат да си ги полнат џебовите со народни пари.
-Обопштуваш. Тоа просто не може да се однесува на сите. Напротив, јас мислам дека сè што изнареди во најголема мера се однесува на политикантите и политичките привезоци. Туку…Ако ти е јасно сè, кажи ми зошто никако да ни тргне напред, а веќе предолго стоиме во место.
-Како никако?! Тоа воопшто не е точно. Тргнати сме, не стоиме во место, а тебе само ти се чини дека стоиме затоа што воопшто не е лесно да се расчисти со минатото, со довчерашната сегашност и истовремено со недоветноста, неукоста и деструкцијата. Треба внимателно, осмислено, детално испланирано, бескомпромисно. Треба и време. Најважно е дека е јасно сè.
-Јасно е само едно: нужна е бескомпромисна борба против каква било зломисла и секое, и најмало зло. Деноноќна! Но, за такво нешто…А заткулисните намери и игри?
-Тие не со повод, а со причини и последици. Се и за големи и за мали играчи на сцената. На крајот од претставата кулисите се рушат и сè излегува на виделина.
-Предоцна.
-Не секогаш. Зависи од траењето на претставата и драматизмот.
-А политичката наперченост?
-Постоела, постои и ќе постои. Не може да се искорени. Својствена му е на примитивниот политички и политикантски менталитет. Треба да се презира. Мене ми е совршено јасно дека таа е секогаш придружена од малограѓанштината. Затоа што просто не може ни да вирее ни да преживее во оштества што се темелат на трајни вредности и на кои приоритет над приоритетите им е постојаното богатење на квалитетот на животот.
-А мене ми е совршено јасно дека никому не може да му биде јасно сè што е дел од сушноста на егзистенцијата на човекот и неговата слобода.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 36




