Јас или Тој и Тој или Јас со тројца за сонот

Потребно време за читање: 6 минути

Со Сигмунд Фројд, Алфред Адлер и Карл Густав Јунг се знае од рана младост. Ретко се среќава со нив, досега точно четири пати и без исклучок со тројцата заедно, но затоа, пак, со нивните учења многу почесто. Всушност, нивните дела му се секогаш при рака. Тие се на видно место во неговата библиотека. Може да се рече дека со нив разговара често за прашања и проблематики од нивен заеднички домен: за Фројд психоанализата, посебно теоријата на несвесното и структурата на личноста, за Адлер стремежот за супериорност и чувството на инфериорноста, како и животната цел како основна на личноста, и Јунговата комплексна психологија, типологијата на личноста и нејзината динамика.

Од Фројд детално ги проучи и ги проучува трите структури на личноста-ид, вродената компонента на личноста што се наоѓа во несвесното, во кој е најприсутно либидото односно нагонот; егото, најслабата структура која го контролира ид и ја насочува личноста кон напредок, притоа разликувајќи ги реалноста и фикцијата, и суперегото кое најмногу го има во свесното како морален чувар на личноста во кој разликува две структури: его-идеалот и совеста.

Од Адлер го прифати основното учење за стремежот кон супериорност како мотивациона сила и чувството на инфериорност. Не го прифати беспоговорно, имаше и има некои свои забелешки во врска со животниот стил, а пред сè ставот дека тој се формира отприлика до петтата година на животот; имено, смета дека тој до таа година само се втемелува, а се развива и менува сè до староста. Нему му е мошне интересно и поттикнувачко за промислување разликувањето на четири основни психолошки типови или животни стилови: доминирачкиот, потпирачкиот, избегнувачкиот и општествено корисниот. Се согласи и со неговото учење за двете основни цели-здравата и невротичната; здравата цел како свртеност кон заедницата, развиеното чувство за други и активност во корист на заедницата, невротичниот насочен кон самиот себе и ја следи фиктивната, неостварливата цел во чија основа е желбата за совршенство и стремежот кон супериоерност.

Од Јунг особено ја почитува индивидуацијата како еден од централните концепти на аналитичката психологија, односно доживотниот психолошки процес на диференцијација на сопството од свесните и несвесните елементи на секој поединец. Често го потенцира неговиот поим на колективното несвесно како едно од влијанијата за настанување и развој на личноста, потоа комплексот на моќта кој во личноста создава впечаток дека Јас-комплексот им е надмоќен господар, а особено неговото учење за типовите на личноста: според доминантниот став или ориентацијата на либидото-на екстровертен и интровертен, а според доминантната психичка функција на интуитивен, мисловен, чувствен и сензитивен односно перцептивен тип; според психичката функција-на рационален и ирационален; најпосле, кога ќе се вкрстат двата критериума-вкупно осум типа (екстравертен мисловен, интровертен мисловен, екстровертни интуитивен, интровертен интуитивен, екстровертен чувствен итн.). При оваа типологија тој ја подвлекува Јунговата согледба дека интровертниот тип на личност тежнее да ја трансформира екстроверцијата во втората половина од животот, додека за екстровертниот важи спротивното.

Се изделува целосната согласност на Јас или Тој и Тој или Јас со учењето на Јунг за динамиката на личноста, односно за животната енергија. Која во неговите досегашни среќавања, дружења, состојби и случувања е една од стожерните поврзани со неговиот опстанок. Накусо: животната енергија настанува од метаболичките процеси во организмот; таа се дели на физичка и душевна, чиј однос е реципрочен, односно не исчезнува зашто постојано кружи меѓу системот во личноста, го менува обликот, се зголемува и се намалува; таа не може да се измери, ниту да се дефинира зашто е хипотетички конструкт; нејзината распределба се одвива според законите на термодинамиката-законот на еквивалентност, според кој душевната енергија во еден систем опаѓа, а во некој друг расте, потоа ентропијата-основниот начин енергијата да тече зашто текот е насочен од систем кој има висока енергија кон систем кому енергија му фали.

Бидејќи личноста е полуотворен систем, постои размена на енергијата со надворешната средина. Од неа се зема храна што е основа на метаболичките процеси. Добиената душевна енергија влегува во некој надворешен објект или цел, а со оглед на значењето ќе се вложи нејзино поголемо количество (се нарекува душевна вредност).

Сонот единствена тема на една средба на Јас или Тој и Тој или Јас со Фројд, Адлер и Јунг. Во едно бистро на Монпарнас во Париз, на левиот брег на Сена:

„Јас или Тој или Тој или Јас:

-Се обидов да ги синтетизирам вашите гледишта и искуства за сонот. Сум речиси пред успех, уште само да ги разграничам вашите единствени ставови како дел од неговата суштина.

Сигмунд Фројд:

-Тоа не е возможно. Тие ни се дијаметрално спротивни. Јас ги поврзувам со несвесното, а преминот во свесното не ни го допушта нашата свест, цензурата. За разлика од Адлер и Јунг, јас сметам дека постојат две содржини на сонот: латентна, која ги содржи симболите што треба да се протолкуваат, и манифестационата која го дава вистинското значење.

Алфред Адлер:

-Фројд има право. Синтеза меѓу нашите гледишта е напросто невозможна, а нивното разграничување не може да биде дел од суштината на сонот. Јас, како творец на икндивидуалната психологија, сметам дека сонот претставува линија водилка на животот на секоја личност. Ние не треба да се прашуваме што го предизвикал сонот, туку кон каде тој се стреми, која му е целта. Со неговото толкување можеме да откриеме што претставува животната цел на некоја личност, но и цртите на неговиот карактер. Сонот ни помага да оствариме некоја цел и сонувајќи ние тоа го увежбуваме. Според мене, од особено значење е тоа што сонот има метафорична природа, па затоа е мошне често неразбирлив. Соништата се ризница на емоции, а тие, пак, служат како подготовка за дејствување.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Моето синтетизирање е за да ја истакнам единственоста на сонот како посебност на личноста, како дел од животната, поточно творечката енергија и како одбрана од материјализацијата на животот која го загрозува нејзиниот интегритет. Од вас, Голсподине Адлер, пред сè друго вашиот став дека соништата, сонувањето и фантазиите на поединецот се во единството на посебноста, а нивната адекватна интерпретација може да се пронајде само со нивно разгледување како еден од изразите на животниот стил. Исто така и дека луѓето со чувство на заедницата многу малку сонуваат затоа што своите проблеми ги решаваат во будна состојба.

Сигмунд Фројд:

-Каква врска наоѓаш меѓу ставот на Адлер за сонувањето и чувството на заедницата со мојот за поврзаноста на соништата со потсвеста и искуствата во текот на будноста, односно со прикриените желби и нагони?!

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Токму во тоа. Индивидуалните соништа со потсвеста и искуствата во будноста, како дел од заедништвото во единството на посебноста.

Во разговорот се вклучува Карл Густав Јунг:

-Го делам мислењето на Фројд дека синтетизирањето на нашите гледишта и практични искуства е напросто невозможно. На пример, јас соништата ги поврзувам со различните типови на посебност или архетипови, а кои во нив се појавуваат како различни личности или слики. Со нивното разбирање е можно подобро да се разберат и да се решат евентуалните пореметувања. Посочувам на ноќните кошмари кои ја сугерираат потребата од занимавање со нешто што во нас предизвикува страв. Можат да бидат идеја како да се ослободиме од тие стравови. Сè зависи од нашата реакција на сонот.

Јас или Тој или Тој или Јас:

-Господине Јунг, јас мислам дека е сосем непотребна симплификацијата на Вашите гледишта и искуства. Одамна им се познати и на оние што не се подлабоко навлезени во проблематиката на сонот и сонувањето…Да го оставиме настрана мојот обид за синтетизирање…Познато ми е Вашето оддалечување од идејата на Фројд, имено дека соништата претставуваат неостварени желби со развивањето на други концепти за толкување на соништата. Во таа смисла ми е особено предизвикувачка симболиката на соништата. Станува збор за психолошки пристап кој го сугерира и колективното и индивидуалното несвесно. Архетиповите ги поистоветувате со несвесните ставови кои се сокриени во свесниот ум. Тие се манифестираат низ повеќе или помалку универзални симболи кои го зголемуваат разбирањето на несвесните ставови.

Карл Густав Јунг:

-Да. Тоа е веќе прифатено во практичната психологија, а резултатите се несомнени. Архетипови како несвесни ставови во свесен ум и симболика на соништата.

Јас и Тој или Тој и Јас:

-Особено симболиката….Не мислам на моите соништа…Особено не на кошмарните… Господине Адлер, неизмерно ја почитувам Вашата индивидуална психологија, дури сум и нејзин приврзаник, но мислам дека е претерано сонот да го толкуваме како линија водилка на индивидуалниот живот. Постојат последователни соништа кои идат во кое било време на спиење и на кои е напросто невозможно да им се открие целта. Всушност, токму нивната последователност воопшто не овозможува откривање на животна цел или специфики на некој карактер.       

Алфред Адлер:

-Јас притоа ја потенцирам метафоричката природа на сонот. Тешко се разбира што, пак, е предуслов за негово разбирање. Од друга страна, тоа предизвикува бранување на емоциите како почеток на конкретно дејствување.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Во толкувањето на соништата се однесувањето, искуството и дејствувањето.

Алфред Адлер:

-Се рзбира.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-А мене лично толкувањето ми е најблиско со сфаќањето на пораките на потсвеста. Вашите седум совети, Господине Фројд.

Сигмунд Фројд:

-Тоа ми е особено драго…Ме радува…

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Секој сонувач создава сопствени симболи, но нивното толкување е различно, индивидуално; нужно е слободното толкување, без задржување или цензурирање, во спротивно свесниот ум се вмешува во потсвеста; сонот може да биде исполнување на желбите на јаве, да го имаме она што не ни е дозволено во животот; има секакви соништа и тие не треба да се толкуваат буквално, а треба да се разликуваат два вида на нивна содржина: манифестациона, што е сонот каков што го паметиме, и латентна-основните мисли зад сонот; поништување на кодирањето на умот за да ја трансформира латентната содржина на сонот, односно она што навистина се сака во манифестациона, она што умот го покажува во соништата; една латентна содржина потекнува од нашата сегашност или неодамнешно минато, друга датира од нашите најрани сеќавања и желби, како што е детството, а тоа значи дека треба да се размислува за него; да се почитува несвесното бидејќи тоа влијае на нашиот буден живот.

Сигмунд Фројд низ насмевка:

-Ништо што сме сонувале не било случајно или бесмислено.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Господа, драги мои пријатели, веројатно не сте ни чуле за македонскиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков. Во знак на благодарност што ми овозможивте средба со тројцата вас заедно токму овде, во срцето на Париз, поготово разговоров за сонот и сонувањето, сакам на секому да му подарам примерок од македонскиот соновник создаден од пред речиси век ипол. Станува збор за сто толкувања на соништа запишани од Цепенков. Мислам дека на директен или индиректен начин значат потврдување и на вашите учења“.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ) , роман, 42