Јас единствен

Пред исчезнување

Без оглед што уште на самиот почеток од времево пред исчезнување на неколку наврати нагласив дека можам, но немам намера да раскажувам настани, на неколку наврати тоа го сторив. Баш како главен лик, како измислувач или обмислувач на собитија од различни гледни точки. Еднакво надворешен и внатрешен. Истовремено, сакам да се има предвид дека, без оглед што си зедов обврска да не си дозволам, ниту спомнувам, ниту предупредувам дека сум најчесто и учесник и како второ или трето лице, односно како сведок. Тоа затоа што ја сметам за апсолутно излишна, дури банална, дури здодевна објективноста која произлегува од таквата позиционираност на еден раскажувач.

Едноставно речено, држењето на сите конци во свои раце речиси без исклучок доведува до предвидливо развивање на дејството, а со самото тоа до непотребно трошење вниманаие, па и трпение да се откриваат деталите кои се неретко пресвртни во одбраната на континуитетот. Мислам пред сè на деталите во фактите, аргументите, сликите, зборовите, психофизичките карактеристики на ликовите со кои сум бил, сум и треба да бидам допрва. Притоа, дополнително отежнувајќи ја улогата на моето учество, некогаш дури како главен лик од кого произлегуваат и во кого влегуваат најважните процеси.

Уште нешто суштествено за мене како раскажувач:

Што било да раскажувам, доследно применувајќи ја позицијата на сведок кој секогаш се обидува да биде во преден план, но и додека свесно има споредна улога, се придржувам на неминовноста од динамика на дискурсот која, како што е познато се спротивставува на рамнодушноста, ладнокрвноста, неутралноста. Во тој контекст посочувам на улогата на хроничар кој открива артефакти и документи нужни за структурата, а најпрвин за заплетот. Ги имам предвид пристапот, конкретно познавањето на личностите, просторот, времето, следењето на развивањето на собитијата и процесите; сите тие без поделба на главни и споредни, сè до конечното решение или крајот на сè.

Сакам да обрнам внимание на една специфика во моето раскажување која, судејќи досегашните реакции на некои од оние што внимателно го следат ова колку лично, толку колективно доживување и преживување на последната животна фаза-пред исчезнување, се прифаќа некако не баш забележително; дури би рекол природно, обично, однапред прифатено: наглото почнување, без воведна постапност, без никаква подготовка, и тоа кога конечноста е на почетокот. Посочив на неа уште на почетокот од претставувањето на себеси како раскажувач, но ми се чини дека или не беше разбрана или се отфрли како невозможна, па и неприродна. Мислам дека тоа е главна причина зошто сè уште пред исчезнувањето не се прифаќа како нова состојба на духот, со свое минато како сегашност споделена со живи и мртви, исто како погребна процесија. Само ќе потсетам на наглото почнување на среќавања, запознавања на видни личности во развојот на човечката цивилизација од дамнина до денес, со созданија со трајни вредности, како и на почетокот на дружбите со нив.

Што се однесува на личностите, мислам еднакво на видните, познатите, возвишените и на обичните, маргиналните и пошироко непознатите, би сакал да е веќе забележано дека не се задржувам на нивната појавност. Не ги опишувам како ликови и не посочувам на некоја надворешност или карактерна препознатливост. Дури и кога поенкогаш го правам тоа, не придавам никаква важност. Не затоа што се обидувам да ги изедначам со мојата дребнавост, туку поради непобитниот факт дека станува збор за вклопеност на нивните светови и мојот со автентичноста на светот на човек со идентитетска самосвест. Ако се има предвид тоа, тогаш сама по себе се наметнува карактеризацијата на личностите. За која исто така веќе зборував накусо, а сега дополнувам:

Продолжувам да се залагам за постојана присутност, неретко истовремена на стварни и замислени личности. Верувам дека е веќе јасен контекстот на употребата на нивните вистински имиња или на нив преименувани. Да потсетам на инсистирањето во право време и на право место кога станува збор за еден главен, за повеќемина, со лична, физичка, психолошка, па и психосоцијална позиционираност . Па и кога се присутни како безлични, во врска или без некоја видлива врска со процесот односно собитието. Истото се однесува на некогаш еден спореден лик и на некогаш повеќемина. Би се согласил и со секој што веќе го забележал тоа кога намерно одбегнувам каков било опис на кого било, спореден зашто е битен, без кого просто не се може или е така затоа што се однесува на него. Имено, општопознато е дека во книжевните дела, особено во постмодернистичките романи случајно или намерно, а поначесто намерно свое право место заземаат ликови најчесто директно или индиректно поврзани со некое споредно дејствие; чии времиња не траат долго, некогаш се само во миг, исчезнуваат или неминовно ги заборавам за да не го оттргнам вниманието од главното дејствие.

Кога станува збор за структурата на процесите и собитијата пред исчезнување, сè уште не сум подготвен да ги конкретизирам. Па како досега, ни сега нема да почнам да ги раскажувам. Значи, нив ги оставам за подоцна. Меѓутоа, и тие би се искомплицирале кога некој би заборавил дека таа-конкретизацијата е сушност на обратната структура. Истото се однесува и на одбегнувањето на отвореноста на крајот.

Сега по вторпат докажувам нешто и за времето и просторот. Ќе докажувам уште којзнае колкупати, а со оглед на нивната важност за постоењето на животот во меѓузависни светови:

Ако се согласуваме дека времето најчесто почнува од сегашноста, а во него или блиску до него се и минатото и иднината, тогаш е сосем прифатливо времето пред исчезнување да биде последна сегашност во која минатото и сегашноста се изедначуваат и се преплетуваат. Истовремено надминувајќи ја нивната блискост. Веќе го спомнав пролепсисот,  антиципираниот настан или дејствие, и тоа во равенство со исчекувањето, особено на собитијата кои не ги ни навестувам. Причината е едноставна: за најголемиот број од нив не знам дали ќе ги има доволно или, пак, иднината ќе остане без нив. Сега, пак, посочувам и на флешфорвардот односно сцената, настанот или дејствието што го носи раскажувањето во идно време, понапред од моментната точка на раскажување. Го одбегнувам флешбекот, скокот наназад зашто сум убеден дека со него ништо не додавам, ниту нешто одземам пред исчезнување.

Просторот е и треба да биде соодветен на процесот, дејството или приклучението. Всушност на животот до пред исчезнување. Тоа значи најпрвин безграничен, сличен на Универзумот. Повторувам за да се има секогаш предвид дека сите со мене, за мене и во мене, а никогаш против мене не ги обградуваат своите простори, ниту се обидувале кога било да ги бранат како само нивни. Што би значело буквално отуѓување. Напротив, сите се отворени и во нив секој што е за слобода на мислата и духот е слободен, да влегува во него и од него да излегува кога ќе посака. Токму тоа најмногу овозможи досега, овозможува сега и ќе овозможува до пред исчезнување средби со видни и маргинални личности. Со кои водам разговори на различни, а блиски теми, за големи и мали проблеми, со кои заеднички промислуваме, ги решаваме или надминуваме собитијата, ги контролираме и насочуваме дејствијата.

Признавам дека по сето раскажано од мене досега, можеби е подобро да се каже откриено или обзнаено, сè уште ме мачи дилемата, поточно несигурноста, па и неубеденоста дека ќе успеам конечно да дојдам до каков било крај само од слики и зборови. Знам дека тоа најмногу зависи од еднаквоста, едновременоста и наспоредноста на предвидливоста, исчекувањето, пред малку ги спомнав пролепсисотифлешфорвардот, а кои е докажано дека ја потврдуваат или негираат исклучителноста. Ненадејноста, особено позитивната ја издвојувам како посебна движечка сила за човек чии воздишки и издишки се сè подлабоки и траат сè подолго. Најмногу како  миг против предаденоста и рамнодушноста.

Се надевам дека со внимание се слушаат, проследуваат, можеби и споделуваат моите темелни расправи со мене на тема љубов, човештина и лично достоинство. Не велам единствени, туку темелни бидејќи воопшто не е спорно дека јас сум единствен пред исчезнување. Кога се тие во прашање, моите гледишта не се спорни и можеби  во нив е успехот на крајот. Уште еднаш потсетувам на изнесените со слики и зборови:

Универзумот е круг со жизнено црвени, таговно мрачни и животворно жолти концентрични кругови, кои се прелеваат еден во друг и еден врз друг, а во чиј центар сум јас како љубов на небесна шир. На далечен хоризонт има луѓе кои се збираат во сè поголем број. Стојат спокојно, исправени и единствени. Јас им довикнувам дека наскоро ќе им се придружам. Меѓу мене и нив како да се шири белина.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 58 

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.