Игра на зборови

-Мислам дека играта на зборовите, која во творечките кругови јас одамна ја изделив како најплодоносна за креативниот дух, допрва ќе добива на значење. Најпрвин како негова лична слобода, а потоа како негово непрестано самодокажување.

-Се согласувам. Споделувам. Незаборавно е бранувањето што настана откако ја издели како суштествена во свет на автентични вредности.

-Во меѓувреме некои не успеаја и сè уште не успеваат играта на зборовите да ја разликуваат од играта со зборови. Мене ми е јасно зошто: и едната и другата игра се креативни, со нив се создаваат разновидни и единствени дела. А не им е прифатливо дека зборовите играат еднакво сами и со творецот. Творецот игра своја игра на зборови зашто ја знае нивната тежина, еднозначноста и слоевитоста, ја чувствува нивната значенска длабочина. Тој умее да ги користи во вистинско време за прецизно и јасно искажување, сосе сврзниците, извиците, интерпункциските знаци меѓу нив. Сосе нивната звучност.  

-Не вреди да трошиш време за таквите, обидувајќи се да им ја објасниш суштината на играта како животворна. Играта на зборовите заедно со творечката енергија.

-Да, залудно е. А зборот сам по себе е на чекор од говорот.

-Токму така.

-Запознав човек кому му недостасуваа зборови за своја игра. Им барал на мнозина, ми побара и мене. Му одговорив: „Немам зборови за туѓа игра“. Тој само се насмевна велејќи: „Ти или не ме слушна или не ме разбра. Но, не верувам дека ми одговори колку да ме одбиеш. Ме изненади со него. Потенцира суштина на зборовите и творечката игра: никој нема зборови за туѓа игра. Мене ми недостасуваат за моја, а барам од други што ќе ги направам мои пред секоја моја нова“.

-Тоа е просто невозможно. Го знаеш тоа.

-Тој не се согласи. Се сретнавме уште неколку пати, тој секогаш барајќи зборови за своја игра. Веројатно уште бара. Постојано ми потенцираше дека има зборови, но му недостасуваат. Знаеш за што? За да почнува нова игра на зборови која никогаш нема да ја заврши.

-Тој да не е филозоф?

-Не знам. Не би рекол. Мене најмногу ми личи на творец.      

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 42

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.