И покрај сè

Потребно време за читање: < 1 минута

1. И покрај сè, дозволивме и беспоговорно дозволуваме да нè обземат баналното секојдневје и конзумеризмот, ниското просечно ниво на самосвесност, на лично достоинство, на лична и колективна одбрана на индивидуалниот и колективниот-националниот идентитет;

2. И покрај сè, го прифативме и беспоговорно го прифаќаме живуркањето и раслојувањето на општествово на класа на бедни, на прекуноќ испокрадени и осиромашени, и на класа на прекуноќни арамиски богатници;           

3. И покрај сè, ништо во животот, работата, дејствувањето и создавањето не може без политика. Барем не во неразвиена, зависна, клиентелистичка, корумпирана, во секој поглед уназадена и испокрадена држава и во примитивно, полуписмено, партизирано, нецивилизирано општество. Барем не кога видни, авторитетни и творечки личности се надвладеани во секој поглед од недоветни, тапоумни, ограничени, минорни и политикантско-бизнисменски хохштаплери.

Без оглед што е одамна докажано дека животот не е политика, туку политиката е или треба да биде составка на животот;

4. И покрај сè, меѓу нас и со нас живеат и творат бројни мислечки луѓе, научници, ликовни уметници, вајари, писатели и естетичари, музичари и композитори, глумци и режисери и др. кои се репрезенти на државава и општествово и чии творештва се со високи достоинства.

Прочитај и за ... >>  Повторување

Наспроти тоа, тие се оставени на самите себе, непризнаени, многумина во секодјневна борба за гола егзистенција. Некои од нив дури навредени и омаловажени,  дури незнајни и заборавени од блиски, дури „затворени“ во сопствените творечки светови.

5. И покрај сè-ништо.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 109