Гостивар деновиве не се соочува само со загадена вода. Се соочува со нешто подлабоко и поопасно: со прекин на довербата во систем што треба да биде невидлив токму затоа што мора да функционира. Водата од чешма е една од оние јавни услуги што граѓаните не ја проверуваат секое утро. Ја пуштаат, ја пијат, ја даваат на деца, ја користат за храна, за болници, за градинки, за живот.
Затоа случајот со гостиварскиот водовод не смее да остане уште една вест што ќе згасне со првата нова политичка кавга. Станува збор за јавноздравствен инцидент, за комунална одговорност, за инспекциски надзор и за прашање што во Македонија премногу често се поставува предоцна: кој точно е одговорен кога јавната инфраструктура ќе стане ризик за граѓаните? И уште нешто – има ли крај на нашата неодговорност и очекувањето дека „некој таму друг е за тоа, а не јас“?
Забраната останува, водата не е за пиење ниту за храна
Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани употребата на водата од гостиварскиот водовод за пиење и за подготвување храна откако се појавија сомнежи и потоа лабораториски наоди за микробиолошка контаминација. Забраната, според последните изјави на директорот на АХВ, Оливер Миланов, останува на сила сè додека новите лабораториски анализи не потврдат дека водата е безбедна.
Тоа значи дека водата од мрежата не треба да се користи за пиење, за готвење, за подготовка на напитоци, за миење прибор што доаѓа во контакт со храна и за работа на објекти што опслужуваат граѓани, ако тие не обезбедат алтернативна безбедна вода. Во овој дел случајот веќе ја надминува домашната чешма. Тој влегува во ресторани, чајџилници, сендвичарници, болници, градинки и јавни установи.
АХВ најави засилени контроли кај операторите со храна и предупреди дека непочитувањето на забраната ќе носи санкции. Ова е клучен момент: загадената вода не е изолиран ризик кога еднаш ќе влезе во синџирот на храна. Таа може да стане скриен преносител на заболувања токму таму каде што граѓаните очекуваат најмалку опасност.
Што утврди истрагата: пумпи, канал и мешање со системот за пиење
Според соопштението на Јавното обвинителство, Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар: в.д. директорката, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со загадување на вода за пиење.
Клучниот опис од истрагата е вознемирувачки едноставен. На 25 јуни, според обвинителството, биле дадени налози да се постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, наводно за тестирање на притисокот во градскиот водовод. При увидот на 16 јули било констатирано дека две од пумпите сè уште работеле и преку потисни црева пренесувале вода од отворен канал во комората каде што се наоѓала вода од системот за пиење.
Токму тука е суштината на случајот: во затворен систем за вода за пиење, според наодите на истрагата, била внесувана вода од отворен канал. Тоа не е технички детал. Тоа е линијата меѓу контролирана јавна услуга и ризик за цел град. Тоа го направил некој, не паднало од небо па да се случи, за да некој друг таму го среди.
Бројките ја покажуваат тежината на загадувањето
Лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје покажале дека примерокот од површинската вода од каналот имал 2.419,6 cfu/100 ml колиформни бактерии, наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 ml. Тоа е речиси 48 пати над дозволената вредност. 48 пати! Во примероците од каптираниот извор, каде референтната вредност за колиформни бактерии треба да биде 0 cfu/100 ml, биле утврдени 39 cfu/100 ml, заедно со зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии.
Дополнително, во примерок земен од чешма на улицата ЈНА во Гостивар било утврдено присуство на резидуален хлор од 1,1 mg/l, што е над максимално дозволената вредност. Овој податок не ја смирува јавноста, туку ја отвора следната дилема: дали системот реагирал со задоцнета дезинфекција, дали имало обид да се „покрие“ микробиолошки проблем, или станува збор за последица на неусогласена интервенција во водоводната мрежа? Одговорот на тоа не треба да го даде политиката, туку истрагата, лабораториите и документацијата. Да го дадат експерти кои сме ги научиле да се тоа што се – преку образовниот процес и сите устанои. Експерти кои сме ги поставиле на работна позиција. Сме им дале доверба!
Според изјавите на надлежните, над 3.000 жители на Гостивар и околината побарале лекарска помош со стомачни тегоби. Дури и кога симптомите кај најголем дел од пациентите не се животозагрозувачки, бројката е доволна да покаже дека ова не е обична комунална непријатност, туку јавноздравствен удар.
Див приклучок надвор од дозволата
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, соопшти дека спорното зафаќање вода не било дел од дозволата што Министерството за животна средина ја издало за водоснабдување. Според нејзините наводи, приклучокот бил поставен на околу 800 до 900 метри оддалеченост од главниот цевковод и не бил опфатен со дозволената локација.
Ова е важен дел од случајот, затоа што водоводен систем не смее да се менува со импровизација. Ако јавен оператор планира измена, особено на систем што носи вода за пиење, таа измена мора да помине низ надлежна постапка, санитарни услови и институционално одобрување. Според Гиновска, такво барање до Министерството не било пристигнато. Уште повеќе, бидејќи се работи за вода, населението задолжително мора да биде запознаено, известено.
Во нормална држава, оваа реченица би била доволна за темелна ревизија на сите слични зафати во локалните водоводни системи. Не само во Гостивар. Затоа што проблемот не е само во една пумпа. Проблемот е во културата на „ќе завршиме работа“ кога таа работа се прави врз систем од кој зависи здравјето на илјадници луѓе. Тука е сомнежот огромен. Уште еднаш – атрофираниот систем кој го негуваме повеќе од 3 децении ни колабираше.
Институциите мора да одговорат и на прашањето за навременоста
Случајот дополнително ја вознемири јавноста затоа што паралелно се појавија информации дека пред откривањето на загадувањето имало редовни извештаи според кои водата била безбедна. Директорот на АХВ објасни дека, според договорот меѓу Центарот за јавно здравје и ЈП „Комуналец“, мостри се земале еднаш месечно од осум мерни места, а последниот резултат што го имала АХВ бил од 13 јули и покажувал безбедна вода.
Токму тука се наоѓа второто големо прашање, можеби подеднакво важно како и кривичната одговорност: дали системот на редовен мониторинг е доволен за да фати ваков ризик навреме? Ако пумпите, според истрагата, биле поставени на 25 јуни, а увидот бил на 16 јули, а тестот на 13 јули, тогаш јавноста има право да знае што се случувало во меѓувреме, кој контролирал, кој потпишувал, кој молчел и кој морал да реагира.
Безбедната вода не се докажува со уверување, туку со постојан надзор. Затоа во здравствената екологија водата не е само природен ресурс, туку основна јавна гаранција. И Светската здравствена организација постојано нагласува дека безбедната и лесно достапна вода е темел на јавното здравје, без разлика дали се користи за пиење, домаќинство, производство на храна или рекреација.
Гостивар како тест за јавната одговорност
Во претходниот осврт на Паноптикум за Гостивар веќе беше јасно дека градот не смее да остане заробен меѓу сомнеж, вода и институционално префрлање вина. Сега ситуацијата е уште појасна. Има истрага, има лабораториски параметри, има забрана, има јавноздравствени последици и има институционални изјави што упатуваат на неовластена интервенција во системот. Но и има граѓани кои патат заради неодговорност, со нарушено здравје и целосно изгубена доверба.
АХВ, како орган надлежен за безбедноста на храната и поврзаните контроли, мора да ја истера до крај теренската проверка кај операторите со храна, но и да инсистира на јасни резултати за тоа кога водата повторно ќе биде безбедна. Нејзината институционална улога, опишана и во надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство, е токму во спречување ризикот да се прелее од комунален дефект во синџирот на исхрана. Токму оваа институција има уште една важна задача: да го запознае населението со основи за критериуми за безбедна вода. Време е да се едуцираме што е што за основното во нас – водата, како што сме едуцирани за политички систем, уставни измени, за криминални настани, и сл.
Паралелно, локалните власти и јавното претпријатие треба да дадат јавен, документарен одговор: кој ја наредил интервенцијата, дали постои писмен налог, кој ја надгледувал, дали имало стручна проценка, дали бил известен надлежен орган и дали некој предупредил дека таков зафат не смее да се направи. Во јавниот интерес не е само да се најде виновник. Во јавниот интерес е да се затвори патот по кој ваква одлука воопшто можела да стигне до системот за пиење. И – да се знае за водата!
Водата не простува институционална импровизација
Гостиварскиот случај ќе има правен епилог, но неговата вистинска тежина е поширока. Тој покажува колку брзо еден град може да стане заложник на мала техничка интервенција, ако таа е направена без дозвола, без контрола и без чувство за последиците. А можеби и заложник на нешто многу поголемо од „една техничка хаварија“. Во Македонија често зборуваме за големи реформи, а најголемата реформа понекогаш е наједноставна: јавните системи да не се допираат на диво, а граѓаните да се активираат за да го живеат секојдневието без да се глуви гости во местото каде се.
Затоа овој случај треба да заврши со повеќе од кривична постапка. Треба да заврши со ревизија на процедурите, со проверка на сите критични точки во водоснабдувањето, со јавно објавени лабораториски резултати и со јасна обврска дека граѓаните нема да дознаваат за ризикот откако ќе се разболат. И со едукација за граѓаните.
Во текстот водата под лупа Паноптикум веќе ја постави истата забелешка: водата не се чува со претпоставка, туку со континуирана контрола. Гостивар сега е најтешкиот доказ за тоа.










