50. Пуста слепа улица
Пустава слепа улица е улица на моето детство. Во неа се родив, во неа растев и созревав. Пуста е зашто веќе никој не живее во неа, а слепа е, значи не води никаде, ниту се продолжува во друга уште откога најпрвин се направи сама, а потоа ја доправаа нејзините постојани и повремени жители.
Калдрмисана е откога сите што заживеаја во неа се договорија да не продолжи да се прави сама. Уште пред јас да се родам во неа. Од еднонасочна ја направија двонасочна баш кога нејзините жители почнаа масовно да се иселуваат од градот, од државата, кога и таа почна од ден на ден да станува сѐ попуста.
Пуста е, слепа е, двонасочна е, со тротоари е, со улично осветление е, а јас сум сѐ почесто во неа откога по многу години иселенички конечно се вратив во градов. Ја чекорам со бавни чекори, од почеток до крај, сеќавајќи се на многу игри и безгрижности во детството.
Најдолго стојам пред местото каде што некогаш беше моето живеалиште-семејната приземна камена куќа со дрвена ограда, со две големи одаи и огниште помеѓу нив. На тоа место сега се издига бела мраморна скулптура на достоинствена стара жена.