62. Непрекажливост на една празнина
„Од сите празнини во животот една е најтешка за прекажување, синко: што ја раѓа жалосливоста. Според некои мои блиски иста е од самотијата, но јас мислам дека таа е по неа. Секогаш е една, па и кога во неа се наталожени од многу време. Просто го ништи човекот во неа сè додека дише, постои, опстојува во негов свет.
Бидејќи е најтешка, нека биде само според мене, јас долго не се обидував и не се обидувам никому да му ја прекажам. Сигурна сум дека ако почнам нема никогаш да завршам, никогаш сосем да ја прекажам. Да, не се обидувам ни сега, а сигурно нема да се обидам уште долго. Не можеби дури сум жива.
Само ќе ти речам, синко, дека празнината не што ја роди, туку што ја раѓа жалосливоста во мене е најтешка од сите што ги носам, ме следат, ме ништат. Не ме прашувај која е, од кога е, од кого сè е, колкава е.
Нека ти е достатно што ти прекажав која е најтешка, а ќе ме ништи додека дишам, постојам, опстојувам во мој свет“.
Жената во црнина полека се оддалечува од мене и станува сè помала.