61. Мислител
Мислителот што го знам е видна личност позната според вниманието со кое слуша сечиј исказ за било што, дури и за она што не му е блиско, не е во доменот на неговиот интерес. Но и кој не дозволува да му се влегува во зборот додека не заврши. Да, притоа секој збор му е наместо, одмерен, јасен и непореклив.
Чест гостин е на трибините што ги организира Центарот за слобода на мислата и говорот. Од неколкуте мои присуства на нив без учество, зашто повеќе милувам да слушам одошто да се искажувам, сум заклучил дека е радо слушан и многу почитуван. Особено од сè поголем број луѓе на кои мудроста им е и поттик, движечка сила, суштина на човечкото постоење.
Незаборавни ми се последните зборови од неговиот долг исказ за важноста на мислечките луѓе во напредувањето на општеството:
„Од нив немојте да очекувате конкретен активизам. Многу се ретки кои се поттикнувачи, организатори и предводници. Од мислечките луѓе е доволно дека ги промислуваат нештата, проблемите, процесите, и никогаш не нудат безалтернативни решенија. Но е неспорно дека се важни, јас би рекол можеби најважни во напредувањето на единката и заедницата едновремено. Овојпат сакам само да предупредам дека, кога е збор за мислечките луѓе, никој не треба ни да помисли дека може да успее да ги употреби за свои лукративни цели, а камо ли да ги злоупотреби.
Што се однесува на мене лично, мојот конкретен активизам е творечки. Јас создавам дела. Притоа, воопшто не размислувам дали односно колку придонесувам со нив. Сакам да речам дека нема да престанам да ги создавам дури и кога би знаел дека нив не ги восприма никој“.
Мислителот често го среќавам заедно со уште два-тројца што ги знам како културни дејци.