ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

41. Жив поет

„Жив ли е поетот?“, прашува стара жена облечена во шарени алишта:долго сино-бело здолниште, до црвените чевли со високи штикли, црвен џемпер, голема зелена свилена шамија околу вратот, што ѝ достасува до половината; големи сребрени полжавести обетки на ушите, модар кармин на усните, напудрени образи, нацртани мачкини очи, разбушавена жолта коса и голема црвена шапка со пауново перо на главата.

„Нема сомнение дека е жив“, ѝ одговара средовечен човек крај неа; сиот во црно и сиот брадосан, со црна сламена шапка на главата.

Ги начув и се поднасмеав оти знаев за кого разговараат. Разговараа за поетот чии песни мнозина ги читаат, многу од нив знаат и наизуст, а тој ги објавува речиси катадневно на своја веб-страница на Интернет и на социјална мрежа. Кого никој одамна не го видел, ниту го сретнал. Кого малкумина го познаваат од пред години, а само неколцина можат да се пофалат дека го дружеле во некое заедничко време.

Јас сум можеби единствениот што за него го знае ова: ретко се замешува меѓу луѓе, каде било, и притоа носи некаква безлична маска.

Од ден на ден е сѐ поголем бројот на исти како старата жена и средовечниот човек. Кои не се сигурни дека поетот е жив и воопшто не се сомневаат во тоа.

Leave the first comment