Потребно време за читање: < 1 минута

39. Пусто место

Иван Голомеов, средовечен грамаден шеесет и осумгодишен маж со брадосано лице, ми се довери дека само јас знам оти е сѐ уште жив. Ми раскажа за неговото пусто место откога му ветив дека никому нема да му го откријам:

„Откога сум слушнал за него и откога го знам, ова е пусто место. И сега е, откога сум јас сам во него. Сеедно дали случајно или намерно. Имено, на ова место немало и нема ништо живо, а немало и нема ни ништо мртво. Во него ни живот ни смрт. И јас? Што јас?

Да, сеедно е дали сум јас случајно или намерно на ова пусто место. Едно затоа што само не се менува, а друго оти не можам, не знам, ниту имам сили да го менувам.

Премален сум од безволност и рамнодушност, но белки ќе успеам да го свртам коритото на рекичката во подножјето на планинана без врв, што се извишила како меѓник на пустово место. Изворот ѝ го пронајдов во длабоката шума во која навлегов за да пронајдам длабок корен на старо дрво во кој ќе направам земуница што ќе ме штити од невреме“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here