ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 246-273

Потребно време за читање: 2 минути

246. Не е исто

Играта заврши или завршува?

247. Нема двојба
Огнот против ништењето народ допрва ќе се разгорува и долго ќе биде неугаслив.

248. Невешто

Се преправаат дека не се длабоко загрижени за што ќе им се случи преку ноќ, а не им успева ни со арогантни маски лицата да си ги покријат.

249. Непромислено

Се однесуваш како собитијата да не те засегаат, како да не те ни допираат.

250. Предоцна

Шутите и рогатите веќе немаат време за нови дворски игри.

251. Ни срам ни перде

Немате ни срам, а ни перде зад кое би можеле барем времено да се прикриете.

252. Неверна љубов

Не може две големи и длабоки љубови во една.

253. Неписмени ем недоветни

А бре политичари и државници, толку ли сте неписмени ем недоветни што не разликувате држава од општество, народ и малцинства од нација, граѓанин од државјанин и припадник на нација со потекло од друга држава или народ?!

254. Замајување

Кучињата касаат, карванот си врви.

255. Грди

Не само што не се со чисти образи, ами се и безобразни.

256. Злосторници

Трујат народ, владеат измеќарски и ги полнат дисаѓите со валкани пари.

257. Нож

Не ни дошол, туку ни зарија нож до коска!

258. Безвреден

Безвреден живот без вредности.

259. Дамна минато

Одамна е време за време без вас, идиоти на власт!

260. Сиромав тепан недотепан

Оној што нема, има уште за оној што има.

261. Дури не е предоцна

Собирајте се за да не ве собираат еден по еден.

262. Берете ум, властољупци

Довербата на народот не е за власт, туку за негово добро.

263. Матната

Матната река е немирна и често ја поплавува околината.

264. Самозалажување

Вие очекувате сами да паднат, па во мрачнина да потонат?!

265. Не до кога

Веќе не до кога, кога е скоро предоцна сега.

266. Сам и свој

Кај што нешто свршувам, таму ново почнувам.

267. Кој поразен?

Тој ти се нафрла со гнев, ти рамнодушен и студен.

268. Творечки дух

Присутен, препознатлив меѓу вас и со вас, а си го гледа патот невидлив.

269. Бегај

Сум ти здодеал?! Бегај од мене!

270. Интересот

Немам интерес за вашиот интерес.

271. Па добро

Велиш дека ме почитуваш и цениш, а не постојам за тебе!

272. Сега и после

Уште некое време жив, а после за кого како.

273. Една совест

Ни дење ни ноќе око не склопува една нечиста совест.

Leave the first comment