fbpx Прескокни до главната содржина

Ѓаволот и човекот

Жива мисла

Му станува сè поинтересно да чита и размислува за ѓаволот во човекот и надвор од него. Веќе не го доведува во прашање неговото постоење во минатото и денес, ниту дали ќе постои утре. Сеедно како натприродно, митолошко или религиозно битие, како отелотворување на злото или, пак, како зол дух кој живее во пеколот и заедно со други ѓаволи владее со него.

Сè уште не може да си одгатне зошто тој често се изедначува со снаодлив, итар или пакосен човек. Во последно време му се наметнува помислата дека е тоа затоа што на ѓаволот му е лесно да се преправи во човек, но човекот сè помалу им верува на ѓаволите околу него.

Интересна му е позицијата на ѓаволот во христијанската религија: како паднат ангел кој се побунил против Бога оти бил горделив (се вика Луцифер). Тоа значи дека горделивоста е ѓаволска главна карактерна одлика? Да, и е еден од најтешките гревови. Зошто? Па, најнапред бидејќи најбрзо и најнастојчиво го оддалечува човекот од Бога и од другите луѓе, а потоа го свртува против самиот себеси. Го обесчовечува, го обездушува. Смета дека знае доволно за човечката горделивост. Не само поимно и суштински, туку и искуствено.

Во борбата против ѓаволот клучна е младоста. Тој се смета себеси за сè уште млад, а според него средните години се или можат да бидат младешки. Без оглед на емоционалните турбуленции, најпрвин кризите што ги предизвикуваат тие, како и нужноста од сè поголема прилагодливост. Млад е зашто има доволно секидневни предизвици со кои се соочува радо.

Што се однесува на горделивоста, односно надменоста или надуеноста, претераното високо мислење за себе со потценување на другите, тој секогаш го има предвид нејзиното разликување од гордоста. Притоа, внимавајќи неа да не ја изедначува со самосвесноста и самопочитта. Горделивоста се храни со суета и желба за фалба и слава. До заслепеност.

Кога расправа за ѓаволот во човекот и надвор од него, тој најмногу се задржува на неговото значење во филозофијата. Некој може да рече дека е тоа нормално со оглед веќе е докажан како мислечка личност во средината во која е. Неговиот став, пак, е дека секоја расправа за ѓаволот мора да ја има предвид неговата персонификација на метафизичко зло, особено на падот на човештвото во грев. Значи, во контекст на теологијата и егзистенцијализмот.

Имено, ѓаволот е симбол на активно зло насочено против божествениот поредок. Тој свесно избрал да му се спротивстави на Бога, станувајќи симбол на слободна волја. Од друга страна, етичката смисла на неговото постоење ја нагласува моралноста како искушение за човекот кое го турка кон грев.

Што се однесува на Сатаната, нему му е интересна групата теистички сатанисти наречена „Радоста на Сатаната“. Таа верува дека луѓето ги создал токму Сатаната, а ангелите и јахве и другите аврамски креации се вонземјани кои работат на уништување на човештвото.

Во митологијата Луцифер (негово латинско име) е син на божицата на утринското руменило Еос и титанот Астреј. Бил персонификација на ѕвездата Деница и нејзин бог. Немал некоја поголема улога во античките митови, освен дека секој ден на природата и луѓето им донесувал светлина.  

Се разбира, позната му е улогата на ѓаволот во секуларната филозофија. Како филозофски концепт на истражување на природата на злото, апсурдот и слободата.

Тргнувајќи од наведените општи сознанија и назнаки за ѓаволот, инаку одамна си има ветено дека ќе посвети поголемо внимание на негово проучување како антипод на човечкото во човекот, Теодор Вишен во својата „Жива мисла“ го запишал следново за него: 

Бог го создал најсовршеното живо битие на светот. Но, бидејќи ништо не е и не може да биде совршено, во него влегол ѓаволот и почнал да го разнебитува. Разнебитувањето сè уште трае.

Секоја ѓаволска работа е тешка и мачна за човекот. Зашто е човек.

Сеопштиот напредок, поготово технолошкиот го турка човештвото кон пеколот во кој владее бездушноста.

Користољубието е ѓаволско.

Пеколот е за луѓе кои биле ѓаволски пеколни додека биле живи.

Влегла Сатаната во човек и ги избркала ангелите за да не влегува во костец со нив.

Ѓаволот ни ора ни копа затоа што знае оти во изорана и раскопана земја не никнува семето на злото.

Зло прави човек привремено престорен во ѓавол.

Секакви ѓаволштилаци прават луѓе кои се сојузиле со ѓаволи, надевајќи се дека ќе останат пред вратата на Пеколот.

Употребата е човечка, а злоупотребата ѓаволска.

Човек кој не си верува на самиот себе, лесно му се предава на ѓавол да го води низ животот.

Нема љубов ѓаволска.

Ѓавол влегол во тебе штом лесно посегаш по туѓо.

Најголем непријател на ѓаволот му е човекот во човек.

Ангелите не се за ништо сосила.

Ангелите-чувари си помагаат меѓусебно во чувањето на луѓето од ѓаволштилаците на ѓаволите. 

Во животот е непрестана борбата против ѓаволите и демоните.

Тешко тебе ако совреме не ги препознаваш ѓаволите околу тебе.

Демонот се преправа мигум во друг демон благодарение на мрачнината околу човекот.

Не постојат ѓаволи? А кој ги измислил? Јас мислам дека тие постојат измислени.

Ништо не му можат ѓаволите на оној што верува во Бога. Ниту во срцето и душата да му всадат страв.

Во ѓаволскиот свет сите ѓаволи се еднакви и прават исти ѓаволштилаци.

Човекот опкружен од ѓаволи или ќе стане поголем ѓавол од нив или ќе им стане слуга покорен.

Ѓаволот бега од работник и творец кој работи и твори од чисто задоволство.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 52

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.