Ежови, змии и соседски луѓе домаќини

Потребно време за читање: 2 минути

Забележал домаќин човек дека во темелот и во аглите на неговиот дом почнале да се збираат змии, па побнарал спас од водачот на ежовите во ежовското царство. Имено, од ден на ден змиите станувале сè побројни, па го замолил да му испрати ежови кои брзо ќе ги потаманат, но и превентивно ќе останат подолго како мили гости.

Водачот на ежовите, ем најголем борец против змии ем подолго време гладен за змии, радо се одзвал на повикот односно молбата. Се ставил на чело на група ежови, исто така опитни ем гладни за змии. На сите посебно им се допаднало останувањето подолго како гости по потаманувањето на змиите.

Штом стигнале се фатиле за работа, односно за бркање и јадење змии во темелот и во аглите на домот на човекот домаќин. За само неколку дена и ноќи ги потаманиле змиите, инаку речено убаво се нагостиле, се најале. Само неколку од нив успеале да избегаат, поточно да се прикријат и сокријат во соседните домаќинства.

Ја забележале промената соседните домаќинства, виделе што им сториле ежовите на змиите, но забележале и оти сè повеќе змии нашле спас во темелите и аглите на нивните домови, па решиле да им се обратат на ежовите.

Ги замолиле:

„Ежови мили и драги, алал да ви е колку лесно и брзо ги потаманивте змиите во домот на нашиот сосед домаќин човек, ама сега ние си имаме мака со змиите кои се сокриле и прикриле во нашите домови. Разбравме и за неговото гостопримство-превентивно да му бидете гости подолго време. Ние не ни помислуваме да му конкурираме со слична понуда, со домаќинот човек сме ептен добрососеди, но ве замолуваме да дојдете и без брзање да ги потаманите и змиите што се прикриле и сокрила кај нас. Ќе ви платиме колку треба, а за друго како плус оставаме вие да предложите што“.

Водачот на ежовите се подумал, се консултирал со своите ежови, па донел одлука да се одзват на барањето на домаќините.  За да не им досади јадењето змии, хранењето со нив да не им стане еднолично, како плус предложил околу нивните домови да им оставаат по некое варено јајце и по лажичка-две конзервирана храна за мачки. Имено, пчознато е дека ежовите нив многу ги сакаат и ги јадат со сласт.

„Тоа не е ништо за нас. Договорено“, одговориле домаќините.

Ежовите со нивниот еж водач се фатиле за работа и за неколку дена и ноќи ги потаманиле змиите во домовите на домаќините соседи на човекот домаќин.

Што се случило по некое време со ежовите, човекот домаќин и луѓето домаќини негови соседи?

Се случило она што вообичаено се случува меѓу ежови, домаќин и негови соседи добри домаќини:

Во името на добрососедството, човекот домаќин и неговите соседи домаќини меѓу нивните домови направиле ежови куќички и ги вдомиле во нив. Познато е дека ежовите по природа не се освојувачи на туѓи територии, како што се на пример змиите, туку се докажани мироносци, со други зборови воопшто не се натрапнички расположени, со текот на времето станале чувари и продлабочувачи на добрососедството меѓу човекот домаќин и неговите соседи домаќини.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 34