Една негова невозвратена љубов

Потребно време за читање: 2 минути

Во неговата младост Нада Соколова била само негова љубов, а им била минлива љубов на многумина со кои била некое кусо или долго време. Згора му била и ќе му остане единствена љубов невозвратена до скорашно исчезнување.

Ја памети Нада како многу убава, ма најубава жена во градот. Убеден е дека и денес, по многу години разделени, без ништо знајно меѓу нив, нема изгубено ни јота од нејзината убавина. Ако е уште жива.Не само затоа што убоста била едновремено во неа и надвор од неа, туку и оти свесно или несвесно ја истакнувала со својата блага, според него единствена ведра насмевка. Кога радо се сеќава, секогаш ја истакнува хармонијата на тие три целости-убавината во неа, внатрешната, убавината надвор од неа, лицето и стројната става, и единствената ведра насмевка. Што останувале видни кога ќе навалеле грдости во животот, сè додека се справува со нив, а особено кога не можела да избрише каква било трага од некоја од минливите љубови.

Нада Соколова била само негова невозвратена љубов. Неспоредлива со која било друга негова куса или долга. Нерадо одговара на прашања поврзани со невозвратеноста. Денес, по многу години разделени, незнајно колку многу далеку еден од друг, одговара со два-три збора:

„Се разбира, она знаеше дека ја сакам неизмерно, но одбиваше. Одбиваше и моја близост, нежен допир, дури и мој збор милозвучен. Тоа беше како некоја нејзина бесцелна игра со моите чувства. Не ми возвраќаше, не ми возврати поради други, нејзини бројни љубов? Можеби“.

 Памети само една куса средба со Нада, сведена на кус разговор:

Она:

-Што ти е? Ти се случило нешто неубаво?

Он:

-Ми се случува долго и од ден на ден сè посилно и сè позабрзано. Се однесува на тебе и на нас.

Она:

-Немој. Сум ти одговорила многупати со молк дека меѓу нас не може да има друго, освен пријателство. Невозможно е. Прифати го тоа.

Он:

-Не можам да прифатам! В ред е пријателството со тебе, тоа ми е драгоцено, но моите чувства се многу повеќе и поголеми…Зошто да не може?

Она:

-Затоа што јас тебе не те заслужувам како љубов. За обајцата не е добро да ме идеализираш…Знаеш  за моите бројни минливи љубови.

Он:

-Што тие? Сама нагласуваш дека ти биле и ти се минливи. Значи, не се љубов. Знаеш дека мојата не е минлива, ниту ќе биде додека сум жив.

Она:

-Добро…Можеби кога ќе бидеме во години, ако во меѓувреме не се заборавиме…Што ти се случило?

Он:

-Ништо…Што рече?…Кога ќе остариме?!

Она:

-Не, не реков…Нема врска…Ќе ми кажеш што ти се случило?

Он:

-Не ти кажувам!“   

Ја памети Нада Соколова како најубава жена во градот. Одамна не ја сретнал, можеби веќе не е жива, но е убеден дека и по многу години разделени, без ништо знајно меѓу нив, нема изгубено ни јота од својата убавина.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 39