Еден мал свет

Потребно време за читање: < 1 минута

Младичот, кого мислев дека го познавам, а при последната средба пред некој ден не го ни препознав, често со неколку реченици ми го прикажуваше својот свет за кој ме убедуваше дека е мал:

„Времето во мојот мал свет има постојан и неменлив ритам. Го менувам на секои три-четири часа, откако ќе ги исполнам со утринско раздвижување на телото и духот, некоја мала игра на мојот компјутер, часови на училиште, одмор, учење, ноќна забава со другарки и другари и спиење. Признавам, прилично обично, повторливо и здодевно.

Да, но просторот на мојот мал свет е сосема подруг. Непостојан и брзо менлив. Ист е како улица на која сè уште не ѝ дошло време да стане слепа. Разбираш? Значи, улица која нема крај, туку продолжува во некоја друга, подолга и поширока или покуса и потесна. Дали во село или во град? Нема врска. Сеедно.

Да, добро забележуваш, може да заврши и на крстопат. Кога ќе подразмислам, мојот мал свет всушност секогаш завршува на крстопат…А во меѓувреме, просторот во него се исполнува ту со спокој, ту со возбуда, ту со радост и надеж, ту со жалост и сомнеж, ту со докажување, ту со откажување“.

При последната наша средба го прашав:

„Ти да не си поет?“

Ми одговори:

„Вистина не знам. Можеби сум, можеби не сум. Неважно… Само сакам да ти докажам дека мојот мал свет е еден зашто е само мој и имам намера скоро да му го спротивставам на големиот кој е на сите и за сите“.

Не го разбрав сосема. Белки во иднина ќе се сретнеме уште еднаш, па тогаш ќе барам да ми објасни што е за него мал, а што голем свет.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 30