ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

37. Од кај па индијанско племе

Ама нема што тука многу да се мозга и збори. Буле ги собра другарите и другарките со кои беше најблизок, со кои играа секакви игри дење-ноќе, и го направи индијанското племе Смокови уште на стартот на стекнување основно образование. Значи, практично паралелно и алтернативно на учењето пишување и читање. Дружба си е дружба, растење и зреење си се растење и зреење, учење си е учење, играње си е играње, па е сосема нормално на Буле да му падне на памет да направи индијанско племе. Несомнено е дека големо влијание на тој план имаа филмовите за каубојците и Индијанците што тогаш ги даваа на телевизија скоро секоја вечер, особено како каубојците им ја крадат, им ја земаат земјата, им ја освојуваат територијата, а нив ги заробуваат и ги убиваат или ги збираат во резервати; потоа им пуштаат болештини за брзо да изумрат. Тој од татичето му и мамичето му често слушаше како дискутираат со нервозација и лутина дека каубојците на Македонците им стокмиле нешто слично, скоро исто, но иако тоа не го разбираше не може да се каже дека не влијаеше на правењето племе.

Смоковците, смоковките и поглавицата Буле Зелен гуштер што свири на шупелка не се правеа баш во сè Индијанци. На пример, не се облекуваа како Индијанци, не ставаа на главите индијански перја, не беа вооружени со стрели и копја и не јаваа коњи, а смоковките не се маскираа како Индијанки. Може да се констатира дека племето е ептен мирнодопско.

Всушност, од сè индијанско беше прифатено само собирањето околу оган на кејот на Крива река односно Мртва река што тече среде градот, покрај колибата на чичко Спиро.

Ритуалот односно церемонијалот е познат и нема шанса да се менува:

Индијанскиот оган го пали поглавицата или главатарот, а најмногу му помага неговата десна рака Куле дренот. Другите во блиската шума збираат, кршат гранки, а Спиро со секира сече трупци. Откако огнот ќе се разгори, сите Индијанци испоседнуваат скрснозе околу него, во круг, па виткаат цигари од суви дабови лисја и прават луле на мирот од трска ко за пушење. Потоа станува од скрснозе Буле односно Зелен гуштер што свири на шупекла, прави мудра фаца и ја крева десната рака дека зема збор, па треба сите да го слушаат што ќе кажува. Тоа истовремено е знак дека сите треба да направат концентрација во молчење и да ги втренчат погледите во него. Истовремено гледаат во ѕвездите и месечината замислувјќи дека сѐ околу нив и во нив е полно со романтика.

Буле Зелен гуштер што свири на шупелка, Куле дренот, Лидија кракатата, Митра штиклата, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата, Стојмен каменот, како и сестра му и брат му на Куле дренот Сирма Долгоногата и Перо Ќутенката и вечерва се собрани пред колибата на чичко Спиро. Тие седнати скрснозе околу индијанскиот оган, а тој седнат во својата сламена фотелја за клацкање. Со кревање на десната рака како индијански поздрав, исто како што прави Зелен гуштер што свири на шупелка, им даде на знаење дека сите треба да направат концентрација во молчење и да ги втренчат погледите во него зашто има да им даде некоја поука. Сите направија така и чичко Спиро им рече со длабок и бавен глас:

-Чеда мои,

Доста е зашто не веќе не ви личи да бидете Индијанци и Индијанки, да сте индијанско племе. Не ви личеше ни досега, ама ај. Светот нив одамна веќе не ги ни спомнува, на телевизија ретко ретко се дава филм со каубојци и Индијанци, а и денешниве каубојци ги третираат како Индијанци поинаку оние на кои им се намерачиле. Како што се вика стручно-софистицирано. Вам, чеда мои, ви личи комитството. Знаете за комитите, нели? Јас како ваш чичко Спиро ви давам поука: бидете комити во душа и со срце, па ќе нема ни трага ни глас од каубојци.

И Буле Зелен гуштер што свири на шупелка и Куле дренот и Лидија кракатата и Митра штиклата и Јонче стаорецот и Зоре сомот и Иле мачорот и Томче кубурата и Стојмен каменот, како и сестра му и брат му на Куле дренот Сирма Долгоногата и Перо Ќутенката вечерва решија отсега да не бидат индијанско племе, туку комити во душа и со срце.

Leave the first comment