25. Односи
Буле има мошне длабоки и широки односи со неговите татиче и мамиче, со роднини и нероднини, со Куле и другите во индијанското племе односно тајфата односно бандата односно партиското членство, со потесната и пошироката средина и околина, како и со други помлади и повозрасни односно постари машки и женски полови. Впрочем, досега тој самиот кажал понекој збор за тоа. А и јас како раскажувач на едно време од неговото тинејџерство односно адолесцентство односно пубертество имам скршено два-три збора. Се разбира и се подразбира дека на прво и пресудно место, што значи на во најдлабока и најширока смисла се длабоките и широките односи со неговите татиче и мамиче. Исто така се разбира и се подразбира дека тие се наедно нераскинливи и сложени.
Им вели Буле:
-Мое татиче и мое мамиче, имајќи ги предвид нашите длабоки и широки односи решив да ве информирам за мојата животна определба и професионална ориентација. Мислам дека треба многу да ве израдува дека јас ќе бидам творец, конкретно поет. Не знам дали веќе ве информирала мојата најмила и најсакана наставничка по јазик и литература Соња Запирката, па еве сега јас го направив тоа за таа случајно да не ве изненади. Ќе бидам поет зашто сум длабоко убеден дека е тоа мошне перспективна професија која во нашево општество, а особено во нашава држава гарантира солидна егзистенција, авторитет и реноме.
Татичето и мамичето го мерат со погледите од глава до петици, се загледуваат продорно во него, си ги погледнуваат меѓусебно намрштените лица, па татичето Делјан односно Деко го презема зборот:
-Ти арен си Буле, синко наш мамкин и таткин? Да не имаш температура? Да не те боли главичето? Да не си ни паднал во бунило?
Збор зеде и мамичето Костадинка односно Дина:
-Ти мора да си болен Буле, сине мамкино и таткино. Мора да имаш температура. Дај да ти ја измерам. Да не те боли главичето? Да ти даде мамка да се напиеш апче за главоболие? А што велиш за еден мамкин и таткин психо-психијатриски третман против паднат во бунило?
Продолжува татичето:
-Ти знаеш дека ние меѓусебно имаме мошне длабоки и широки односи, што значи дека можеш да се определиш за нешто, да решиш нешто сам без консултација со нас, ама ова ти е стварно претеризам. Немој да се навредуваш, ама ти уште не си дораснат за сам да одлучиш, а нас само да нè информираш за твојата животна определба и професионална ориентација. Тоа не оди така, наврат-нанос.
Мамичето Езеркоска Каменоска пак зеде збор:
-Па зошто ти купивме најмоќен и преполн компјутер, што сакаш да правиш на него, од програмирање до гејмирање? Тамам работа за да пишуваш на него поезија и да си правиш електронски стихозбирки!
Буле скратено од Буревесник успева да им влезе во нерасположението:
-Татиче и мамиче, многу ме изненадувате со вашите реакции. Ич не го очекував тоа од вас. Зар заборавивте на политиката и политикантството во кои полека навлегувам сè подлабоко?! Со ниет сум јас и моето племе наскоро да формираме и политичка партија…
Татичето и мамичето реагираат шокирачки во еден глас:
-Штооо?!
Буле:
-Полека де, знам јас дека сè уште не сме ни за партиски подмладок, а камо ли за освојување на власта. Ама дотогаш тамам ќе созрееме. Во меѓувреме јас ќе станам поет, се разбира формално факултетски, па како таков многу повеќе ќе ме почитуваат и ценат како политичар и политикант…А и што ќе ми фали како поет?
Се созема татичето му Езеркоски:
-Добро, ај да тргнеме од стабилни односи помеѓу нас. Си се пробал ли ти, Буле наш, како поет? Си напишал некое стихотворение?
Буле како конечно да дочека да биде прашан тоа, одговара како од пушка:
-Да, татиче, и тоа мошне успешно. Добив петка за песна за пролет од Соња Запирката. Сакате да ви ја прочитам?
Татичето и мамичето кимнаа со главите во знак на одобрување. Буле изваде лист од ранецот, исправи снага и почна да чита односно рецитира:
„Се разбуди пролет
Пролет дојде по есен
зашто зима практично
немаше.
Без студој и мразој,
снегој и виулици.
Тие практично станаа
мислена именка.
Пролет како птица
преселница
си ги рашири крилјата
и сите ние, граѓани
на ова општество,
и сите ние, државјани
на оваа држава
напросто полетавме
на небото,
над озеленетите
планини пошумени,
над изораните
и запустените ниви,
тревните површини,
парковите, двориштата
и останатото зеленило.
И оваа пролет
како годишно доба
сè се разбуди
по длабок и плиток сон,
сè одново се роди
уште од рани зори.
И јас во неа рано
се разбудив,
просто живнав.
И јас како одново
да се родив
уште од рани зори“.
Мамичето на Буле воскликна откако Буле заврши со читањето односно рецитирањето, а веднаш потоа зазеде критичен став:
-Браво, Буле мамкино и таткино. Па ти си бил роден, прав поет! Ама морам да забележам дека, колку што ја знам модерната поезија, песната е повеќе проза со прозаични елементи.
За да не остане покус, не зашто знае повеќе за поезијата, ѝ се пикна во зборот татичето му Делјан Езеркоски:
-Исто мислам и јас. Браво, Буревеснику наш! Со песнава ептен ми заличи на роден поет. Ама колку што паметам од учењето за писателството и поетството во средно, модерната поезија мора да има ако не надворешна рима барем внатрешен ритам. А песната што ни ја прочита односно изрецитира нема во себе такво нешто. Ми заличи на политички говор на политичар во први кариеристички чекори.
Буле ко одвај да го чекаше тоа:
-Баш тоа чекав да го слушнам од тебе, татичко Делјан модерно Деко и мамичке Костадинке модерно Дина! Баш тоа! Слушајќи ја мојата песна, спонтано да ви дојде општопризнатата директна и индиректна врска помеѓу поезијата и политиката односно поетот, политичарот и политикантот. И дека е тоа најперспективна егзистенцијална и општествено-политичка врска во ова општество и оваа држава.
Оваа епизода од односите помеѓу Буле и татичето и мамичето заврши со замолчување и замислување на сите. Како и со потајно надевање на Деко и Дина дека нивниот синко таткин и мамкин ќе се предомисли до завршувањето на основно, до напредната фаза на на неговото тинејџерство односно адолесцентство односно пубертетство во средно.