ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

18. Спортски типос

Ова е многу важно во врска со карактерот, поточно духот на Буле: тој е по природа и докажување голем спортски типос. Да, голем! Толку голем, што ни Куле не може да му се фати, ни да му стане копија како таков. Иако стварно се труди. Секогаш е со него, до него, го подржува, го придржува, го поддржува, му прифаќа секое негово ново издание…

Се пресеков во исказов за да потенцирам дека и како Зелен гуштер што свири на шупелка, и како Капо ди тути капи односно Глава на сите наши глави, и како претседател на нашата партија во формирање Буле е без претеризам врвен спортски типос. Во негови годишни рамки, се разбира. Мислам, како тинејџер односно пубертетлија.

А без претеризам е зашто има малку спортови, како лекција по физичко или како слободна додадена активност, во кои се испробал и од прва бил прв, нај, без конкуренција. Нема врска со психофизичката конституција и кондиција. Просто ко грав тетоец, тој е роден спортски типос. Ма супер талент. Наставникот по физичко како наставник и тренер просто не знае, просто е во тешка дилема на кој спорт да го концентрира. Како што знае да каже кога предава: да му го извлече есенцијалното за да му стане круцијално.

Прво почна со баскет. А бе од прва кош не промаши! Тројки шибаше ич око да не му трепне. За дриблање нема што да се каже. Со една, со друга рака, однапред, одзади, меѓу нозе, преку глава. Ги шашардисуваше тие што по налог ќе му се прилепеа за да не дозволат да шутира. Секој натпревар и во напад и во одбрана идеше преку него. Скокови, асистенции, двојки, тројки…Па која прецизност од зад линија од шест и дваесет и пет и појќе!…Во тоа му помагаше висината. Од сите, па и од Буле за пар месеци се извиши за глава. Е таков, ем највисок, ем слаб, тенок ама жилав, со долги раце и нозе ко да беше од Бога даден за кошарка. Наставникот по физичко како наставник и тренер веќе го гледаше како за репрезентација и после Ен-Би-Еј лига. Ама во момент, просто напрасно, ко гром од ведро небо во ребро рече „Доста е!“ и…толку му беше! Нејќеше ни да чуе за баскет! Што му стана, како му стана никој не знае. Дури ни Куле.

Па се фати за одбојка. Онака извишен за глава од сите, скоро до полојна мрежа, слаб, тенок ама жилав, со долги раце и нозе ко да беше од Бога даден за тој спорт. Негов сервис одвај прифаќач ја прифаќаше, а камо ли некој од напад во одбрана. Кога како шпикер ќе ја акнеше топката со шепата, немаше шанса да се блокира со блок на еден, двајца или тројца. Ма прсти кршеше. За руски пенал беше маестро. Тип-топ…Ма беше прав лидер во екипа! И? И ништо. Во напон на сила и докажан талент рече „Доста е!“ и…толку му беше! Просто напрасно. Веќе нејќеше ни да чуе за одбојка! Исто како во баскетот. Што му стана, како му стана никој не знае, дури ни Куле.

Па за чудо на сите во чколијата, дури и на наставникот по физичко како наставник и тренер, се фати за стап! Почна да тренира скок со стап. А бе секој ден по два-три часа на ден. А бе ништо друго не го интересираше освен стапот. Техника супер, брз во залет, отскок прецизен и од ден на ден летвата сè повисоко. Дојде до три ипол метри! Не знам дали за негово добро или лошо, важно љубовта спрема скокот со стап му траеше само два ипол месеци.

И најпосле, сега, ко да се најде себе комплет психофизички и талентирано. Се запали за пливање! Боже каков пливачки талент да ти бил Буле! Во чколијата, па и пошироко, на градскиот базен досега не се покажал таков како него. Скок од стартна позиција, дишење, работа со нозе и раце, техника, брзина…Најбрз! Му лежат сите дисциплини, ама најбрз е во грбно, градно и пеперутка. Кога почна да реди рекорди ден за ден…Нормално, прв е во групата, а нема шанса некој да го претрка на натпревар меѓу чколии, градски и меѓуградски. Сега е во тинејџерска односно пубертетска, поточно во јуниорска репрезентација, а со нетрпение го чекаат да го мине адолесцецнтниот период и да се прешалтува во сениорска. Само…

Сè појќе клони кон маратонско пливање. Ни наставникот како наставник и тренер, ни тренерот во пливачикот клуб, ни Куле, ни кој било негов просто на просто не може го извади од базен. Набива сила пливајќи без прекин два часа слободно ваму-таму на педесетметарската патека. Се контролира на штоперица и само го крати времето на мал маратон од два ипол километри.

А мамичето му и татичето му? Па, тие ништо. Сега му се молат на Бога да не каже „Доста е!“ и на пливањето. Само го убедуваат дека тоа е најздрав спорт, му го прави телото складно развиено и е многу брз. Ептен се пронашол во него. Боже, како тој да не знае!

Leave the first comment