ДУМА, ОПИТ, УКА

Потребно време за читање: 3 минути

54. Мана

Лесно ќе излезеш на крај со своите мани ако навреме ги откриеш и ако не дозволиш без нив да те знаат други.

Најголема мана имаш кога мислиш дека си човек без мани. Така ти мислиш, ама таков други не те мислат. Може да ти се смеат, може да ти се потсмеваат, со тебе да прават лакрдии.

Поарно навреме кажи си ги маните за да не почнат да ти ги прекажуваат.

Со многу лични мани што ни ги натураат за да бидат заеднички, ништо не можеме напред да туркаме. Ниту работата, ниту создавањето, ниту промените на подобро. Сеедно дали се мали или големи. Притоа неретко малите стануваат поголеми од големите.

Но, имаме ли мали и големи мани? Зошто се едни мали, а други големи? Секако пред сè поради последиците врз нас самите и врз други.

Не можеме да се ослободиме од сопствените мани, ама треба постојано да се трудиме оние на другите да не станат наши.

Македонски народни пословици и изреки

Кој има многу мани, лесно ги наоѓа кај други.

Секое гравче си има црниче.

Колку е сонцето посјајно, толку се сенките потемни.

Добриот коњ има сто мани, а лошиот само една.

Само со туѓи очи можат да се видат сопствените мани.

Има дамки што лесно ќе избледнеат, ама не можат да се исперат.

Лошо е да ги одрекнуваш маните, но е уште полошо со нив да се фалиш.

И најубавата пченица си има свој плевел.

И на бисерот има гребнатинки.

Кажи си ги маните за да му ја затвориш устата на противникот.

Пословици и изреки од народите на светот

Маните се како мирисите: помалку ги чувствува оној што ги носи, отколку оние околу него. (Италијанска-Венецијанска)

Во првата половина од ноќта мисли на своите мани, а во втората половина мисли на туѓите. (Кинеска)

Ако имаш мани поправи се, ако ги немаш чувај се (Кинеска).

Кој не ги познава своите мани, нека ги праша соседите. (Полска)

Никој нека не покажува со валкан прст на туѓи мани. (Португалска)

Оние што бараат само мани, ништо друго и не наоѓаат. (Англиска)

На невестата на соседот не е тешко да ѝ се најдат мани. (Корејска)

Кога костумот ќе се сошие, се гледаат грешките. (Холандска)

Ниедна крава не е толку бела да нема некоја дамка. (Германска)

Колку сонцето повеќе зајдува, сенките стануваат подолги. (Германска)

Латински изреки и пословици

Најважна добродетел е да се биде без мани. (Prima virtus est vitio carere.)

Луѓето се склони кон казнување на маните на кои им се самите наклонети.

Рекле, издумале

Кога самите би биле без мани, не би уживале толку забележувајќи ги кај други.
Франсоа Ла Рошфуко

Постојат извесни мани кои, добро искористени, блескаат подобро одошто самите добродетелства.
Франсоа Ла Рошфуко

Своите ситни мани ги признаваме, за да убедиме дека немаме големи.
Франсоа Ла Рошфуко

Маните на духот се зголемуваат во староста, како и маните на лицето.
Франсоа Ла Рошфуко

Лесно ги простуваме оние мани на своите пријатели кои не нè интересираат.
Франсоа Ла Рошфуко

Човекот дозволува да го прекоруваат поради маните, па и да го казнат, трпеливо поднесува многу што поради нив, но го губи трпението кога треба од нив да се ослободи.
Јохан Волфганг Гете

Живееме со своите недостатоци како со своите мириси. Ние не ги чувствуваме-тие им пречат само на други.
Станислав Јержи Лец

Кога во други би ги препознале своите недостатоци, би ги замразиле како што и заслужуваат.
Ла Бриер

Туѓите мани ни се пред очи, нашите ни се зад грбот.
Луциј Анеј Сенека

Маните што се манифестираат отворено, тоа се оние помалите; најопасни се оние што се кријат под видот на добродетелствата.
Луциј Анеј Сенека

Малку се луѓето кои можат да ги поднесат сопствените мани кај други луѓе.
Артуро Граф

Кој не ги избегнува помалите мани, наскоро ќе падне во поголеми.
Томас а Кемпис

Во нашиов изопачен свет општите слабости и мани повеќе придонесуваат за меѓусебно зближување, одошто сите поуки на мудреците и филозофите.
Лорд Џорџ Сарил Халифакс

Сите мани, кога се во мода, се сметаат за добродетелства.
Баптисто Поквелин ди Молиер

Никој не е роден без мани, ама е најдобар оној што ги има најмалку.
Квинтиј Флациј Хорациј

Слушај го оној што ти укажал на твоите мани, кака да ти го открил најголемото богатство.
Сидарта Гаутама Буда

Немој да ги разубавуваш своите мани, зашто така никогаш нема да се ослободиш од нив.
Јохан Готфрид Хердер

Најголема мана е: да не се биде свесен за своите мани.
Томас Карлајл

Својство е на лудоста туѓите мани да се гледаат, а своите да се забораваат.
Марко Тулиј Цицерон

Сè додека сакаме некого поради неговите добродетелства, тоа не е ништо сериозно. Но, кога ќе почнеме да го љубиме поради неговите мани, тогаш тоа е љубов.
Саша Гитри

Нашите добродетелства најчесто се само прикриени мани.
Жан-Жак Русо

Ако се сака добро да се владее со луѓето, подобро е да се искористат нивните мани одошто добродетелства.
Наполеон I Бонапарта

Полесно е да се најде мана одошто да се поправи.
Улпијан Фулвел

Пристојноста ги сокрива маните, како што шминката ги сокрива брчките.
Марлен Дитрих

Да се биде оригинален е добродетел; да се сака да се биде оригинален е мана.
Морис Шевалие

Leave the first comment