ДУМА, ОПИТ, УКА

Потребно време за читање: 5 минути

115. Измама и кражба

Од катадневни измами и кражби човек дерман нема. Посебно се урнисува неговото чесно достојание. Отсекогаш имало и мали и големи измами и кражби, ги има и секако ќе ги има. Ама се олку многу денес што да не можат да се дооткријат, камо ли да се добројат.

 Денес измами и кражби има најмногу кај што е на власт мафија. А се знае: кај што е таа на власт и државата е нивна. Се разбира, рака под рака со нив оди лагата, народот вели „Кој лаже, тој и краде“, ама и корупцијата и поткупот; дури и привилегиите и непотизмот.

Не можеш сосем, ама мораш да се трудиш што помалу да те измамуваат и наголемо да те крадат. Што помалу оти не може ни најмалу. Ни оние над тебе, ни оние што се со тебе, крај тебе, пред тебе, по тебе, ни оние подолу  од тебе.

Со измами и кражби живееш, ама преживуваш денес, можеби до утре. Во страв, без мирен помин и без спокоен сон.   

Македонски народни пословици и изреки

Колку аир ќе видат берберите од попоите, толку аир ќе видат и арамиите од крадење.

Али се стори чоек арамија, тој веќе си ја клал главата в торба.

Арамија од арамија не се страмуа.

Арамија од арамија разлика има.

Арамија со арамија си живуа и на заем си дава.

Арамијата арамија ваќа.

Арамијата има и на тило очи, а пак дење не му се види.

Арамијата и ноќе гледа, ама и од сенката се плаши.

Арамијата сеедно кради, а богат или тргоец не можи да биди.

Бог да те чуа од домашен арамија.

Во празна плевна арамија не влегуа; и да влези, зијан не сторуа.

Го слекоа арамиите на пато, го остаија гол како прсто.

И арамијата знаит оти од тоа што го крадит аир не ќе видит.

Ја брз терзија да бидиш, ја брз питач, ја брз арамија.

Куртулисал арамијата од една беља, паднал во друга.

Куќен арамија е полош од јабанџија.

На арамијата сенката му ет куса.

Од арамија куќа не се отворат.

Татко, ватив арамија.-Донеси го.-Еда не идит.-Пушти го.-Не ме пуштат.

Темница му ет на арамијата и сонце кога огреват.

Пословици и изреки од народи на светот

Насликан леб не може да се изеде. (Корејска)

Ако еднаш ме измамиш, ти си виновен, но ако другпат ме измамиш, виновен сум самиот. (Арапска)

Кој ќе ме измами еднаш, тој е никаквец, а ако ме измами повеќе пати е вреден човек. (Англиска)

Кој толку пати те измамил како ти самиот себе? (Англиска)

Можеш да го измамиш Бога, но никогаш немој својот сосед. (Грчка)

Кога некој те мази, или те измамил или се подготвува за тоа. (Руска)

Крадец препознава крадец. (Руска)

Кога го испокрале крадци, Бог слатко се смеел. (Руска)

Кој државата на големо ја пљачкосува, достоен е за слава, а кој ситно краде останува без глава. (Романска)

Кој ќе украде минаре, знае зошто му е. (Турска)

Кој учи, знае. Кој краде, има. (Турска)

Кој не сака да го измамат, треба да има очи на секој прст. (Данска)

Од домашниот крадец тешко е да се сочува куќата. (Српска)

Кај што се краде, тука богатство нема. (Албанска)

Испрати крадец да фати крадец. (Хрватска)

Кој на крадец му прогледува низ прсти и самиот е крадец. (Шпанска)

Малите крадци ги бесиме, а пред големите ја симнуваме шапката. (Германска)

Латински изреки

Приликата го прави крадецот. (Occasio facit furem.)

Делата на смртниците никогаш не ги измамуваат боговите.

Змија не може да измами змија.

Домисла, гесло, мисла водилка

Не кради!
Библија

Четири нешта му се случуваат на празноглав човек кој зема жена на друг човек: тој се понижува, неговото задоволство е немирно, други го обвинуваат и заминува во пеколот.
Дхама-падам

Светот сака да биде мамен-значи, треба да се мами.
Езуитски каноник

Плагијаторот не е одговорен за туѓите глупости.
Литературнаја газета

Не треба да се загризе во забранет плод со лажни заби.
Анонимус

Не му верувај на оној што има причина да те измами.
Анонимус

Рекле, издумале

Никој не може да нè измами така како ние самите себе.
Ралф Валдо Емерсон

Земи што сакаш, но плати ја неговата цена.
Ралф Валдо Емерсон

Никој не е така слеп како оние што не сакаат да видат.
Џонатан Свифт

Многу славни и угледни луѓе личат на јајца-надвор чиста и бела лушпа, а однатре маток.
Франсоа Аруе Волтер

Луѓето можат да бидат измамени со зборови, но не и со факти.
Мајкл Харингтон

Без измама човештвото би умрело од досада и очај.
Анатол Франс

Ретуширањето на сликата на светот не минува за човекот незабележано.
Станислав Јержи Лец

Длабочината може да се имитира со обоеност.
Станислав Јержи Лец

Маѓепсаниот круг може да има свои добродетелства ако навреме избегаш од него.
Ежен Јонеско

Да измамуваш друг е пат да се измамиме себеси.
Дени Дидро

Измамата е секогаш нешто површно, па на неа секогаш налетуваат оние што се исто така површни.
Балтазар Грацијан

Не е измама да го измамиш оној што те измамува.
Овидиј

Двојно е задоволството да измамиш измамник.
Жан д Ла Фонтен

Ситните крадци на јаже висат, крупните со златни синџири се китат.
Габриел Роленхаген

Кога ќе се украде паричник, тоа е криминал; смелост е кога ќе се украде положба, а ознака на величество е кога ќе се украде круна.
Фридрих Шилер

Вистина, крадците крадат, но се политички исправни-се согласуваат со сите што не ги гонат.
Душан Радовиќ

Само обичен смртник може да биде крадец.
Кралот и освојува и го зема пленот што не му припаѓа.
Рабиндранат Тагоре

Луѓето мошне се воздржуваат да го испокрадат вашиот имот, а ништо лошо не гледаат кога се мешаат во вашата интима.
Калил Џибран

Не ја познавам среќата на оној што зема и често ми се привидува дека кражбата би морала да биде поблажена одошто земањето.
Фридрих Вилхлем Ниче

Секому ќе му го признаам правото да ме измами-освен на пријателот!
Меша Селимовиќ

Бројни се занимањата што се засноваат на чиста измама. Јасновидците ја пророкуваат иднината, биоенергетичарите лечат болести, маѓионичарите произведуваат илузија! Политичарите и свештениците ветуваат некој подобар живот кој никогаш нема да се оствари само за да стекнат доверба. Измамата не е измама ако луѓето сакаат да бидат измамени, зашто тоа им дава некоја надеж.
Иво Брешан

Ништо не може така да нè измами како нашето родено чувствување на смиреност и пријатно задоволство со текот на работите.
Иво Андриќ

Толку е жива кај слабиот човек потребата да се мами и така неограничена можноста да биде измамен.
Иво Андриќ

Сите луѓе бидуваат во надежите разочарани, во своите исчекувања измамени.
Јохан Волфганг Гете

Љубовта е партија карти кај што сите мамат. Мажите-за да добијат, а жените-за да не изгубат.
Алфред Хичкок

Дивјаците заемно се истребуваат, а питомите заемно се измамуваат.
Артур Шопенхауер

Будалиот трча по уживањата на животот и сфаќа дека е измамен. Мудрецот избегнува невољи.
Артур Шопенхауер

Фотографиите го измамуваат времето.
Изабел Аљенде

Луѓето меѓусебно се измамуваат, едни лажат други в лице, се измамуваат со ласкање и проѕирно претворливо додворување, а тоа често на чесните луѓе им изгледа несразмерно похрабро одошто едни на други да си кажуваат гола вистина.
Мирослав Крлежа

Оној што мами не е мој.
Мухамед

Секој измамник на Судниот ден ќе има знаме кое ќе биде подигнато во согласност со обемот на неговата проневера. Нема поголема проневера од проневерата на владетелот.
Мухамед

Војната е измама.
Мухамед

Во целосен мрак сите сме исти, само нашето знаење и мудрост нè разликуваат. Затоа не допуштајте очите да ве измамат.
Џенет Џексон

Во војна силата и измамата се две главни добродетелства.
Томас Хобс

Сите религии, пријателе, едноставно се развиле од измама, страв, алчност, фантазија и поезија.
Едгар Алан По

Во време на универзални измами да се каже вистината е револуционерно дело.
Џорџ Орвел

Никогаш не лажете, никогаш не измамувајте, никогаш не крадете.
Џон Вуден

Не употребувај измама која наштетува, мисли нештетно и праведно, како зборуваш така и прави.
Бенџамин Франклин

Гладта го прави секој човек крадец.
Перл Бак

Простување за големите крадци и затвор за малите крадци што крадат леб.
Пабло Неруда

Leave the first comment