Вели дека таа го допира и со збор и со молк додека се заедно каде било. Затоа што никако не му е сеедно со неа. Со збор и со молк, но и помеѓу збор и молк додека светот околу се движи напред-назад или мирува во место. Притоа, зборот ѝ е тивок, милозвучен, нежен, ни пресилен ни преслаб, а молкот не длабок како понор, со свој недорек во себе, а ниту широк како морска поврвнина обградена со високи, сè уште од никого искачени планини.
Вели дека таа го допира со воздив и со издив, но и со помеѓу нив додека дише спокојно или возбудено. Или додека се во тишина која долго ги опколувала и освојувала, а сега сè повеќе навлегува во нив. Тој не презема ништо против неа затоа што смета дека нема толку сила што да ги задуши во себе. Особено откога се согласни во врска со нејзиното траење. Тоа зависи само од нив.
Вели дека таа го допира и на сон и на јаве со искреност која најмногу ја чувствува како нејзина сенка во неговата. Го следи во чекор додека создава свој свет кој се разликува од сите познати и непознати светови според исполнетоста со добра, добрини, радости, жалости, сомнежи, надежи, извесности и неизвесности.
Вели дека таа го допира и кога е присутна како нестварна, замуна, незамислива, но и кога е во неизмерна далечина.
А тој неа? Вели дека не знае откога ненадејно надојдоа брзи води и преплавија пред нив сè што соградија во меѓувреме меѓу нив.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 17




