Домашното огниште

Потребно време за читање: 2 минути

Јас или Тој и Тој или Јас со програмерката Лена Маринова синоќа, крај нејзиното домашно огниште. Се познаваат многу години, уште од студирањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Таа го заврши за три години, работи во компанија за компјутерско програмирање, тој го прекина по првата и се запиша на Филозофскиот-на Институтот за историја на уметност и археологија; има уште неколку испити од последната година. Останаа блиски, а во последно време, откако Лена го раскина неуспешниот брак со Јордан Тројаноски, се зближуваат сè повеќе. Раѓање на љубов? Одвреме-навреме имаат секс, но засега којзнае.

На обајцата им е особено интересно, се разбира и привлечно тоа што некогаш свесно, некогаш несвесно за разговор избираат тема која нема никаква врска со нивната професионална профилираност. На пример за домашното огниште.

Лена:

-Не преживува запустено домашно огниште. Кое било, а поготово родното, родината, својата исконска земја. Нели?

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Да, не преживува, но може да заживее одново. Доколку има живо потомство и не се бришат сите траги на предците. Јас би рекол дека не преживува домашното огниште со празни гробови и откорнатици.

Лена:

-Јас притоа не би го нагласувала патриотството…Тоа е највозвишено, најдоблесно, најдлабоко во човекот…Во ова наше модерно денес, во овој глобален свет, при секојдневни стратешки прегрупирања, престројувања и прекројувања на светот, со истовремени  раселувања, мигрирања, разурнувања, продлабочување на јазот меѓу големи и мали, силни и слаби…

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Не го нагласувам патриотството, туку траењето, запустувањето и заживувањето на домашното огниште…Малку сум збунет со темата на разговоров…Зошто баш за тоа? Белки не од загриженост.

Лена:

-Ако ме слушаше внимателно досега, тоа немаше да ме прашуваш. Следиш што се случува во светот и кај нас? Од една страна, стратешки прегрупирања, престројувања и прекројувања на големи и мали, силни и слаби, се чини незапирливо, а од друга забрзан сестран, пред сè технолошки развој со вештачката интелигенција на врвот.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Добро, тоа е така. И?

Лена:

-Па човеку мој, човештвото не може да преживее, камо ли да опстане домашното огниште меѓу тие два наспоредни процеса.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Точно, тоа се запустува, се брише, се ништи наспоредно со прегрупирањето, престројувањето и прекројувањето на светот не поради некаков нов почеток, туку за задржување на континуитетот на интересот пред сè…Јас сум оптимист. Мислам дека станува збор за враќање назад, кон исконот. Зашто домашното огниште постоело, постои и ќе постои од искони…Впрочем, како  љубовта…

Лена:

-Браво и за мене и за тебе. За мене зашто те доведов до суштината на постоењето и опстанокот на домашното огниште, а за тебе дека пак, по којзнае кој пат дојде до исконското постоење на љубовта.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Јас би заклучил дека домашното огниште е неугасливо. Исто како што е неугаслива љубовта во луѓето.

Лена:

-И јас.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 35