Јас, Александар Македонски, сведочам дека тој ми излезе пред очи очекувано меѓу изгрев и залез на Сонцето на убав сончев ден. Можеби по многу од моите векови е сосем небитно, но треба да се има на ум дека тој е запаметен токму како човек кој во мене виде обичен човек, од крв, месо и коски. Не најголем, најсилен и меѓу најмудрите војсководци во историјата на човечката цивилизација. Се разбира, не е небитно тоа што Диоген од Синопа важеше и важи за голем филозоф, жесток противник на животот во изобилие.
Имено, јас и мојата многуилјадна војска со векови не излегувавме од тишина во која остававме секакви наши траги. Лично јас се ломев меѓу продолжување на освојувачките походи, а за обединувањето на светот, и последно враќање дома, во топлината на домашното огниште. Се разбира, за него бев чул дека носи тога, во рацете држел стап, спиел во дрвено буре и често на плоштадот во Атина извикувал „Го барам човекот“. Се разбира, знаев и друго за него. На пример дека како гостин на предавањата на Платон не само што се спротивставувал, туку и ги исмејувал неговите учења. И мене ми е позната анегдотата кога искубал петел и го донел на негово предавање за умноста на човекот, тврдејќи алегориски дека е тој без крилја и пердуви. Диоген извикал „Еве го човекот на Платон“. Не негирам ни дека не ми одговорил како што е запишано во врска со животинските и човечките коски расфрлани во и околу неговото буре, а поради кои народот го викаше Кучето филозоф: „Меѓу коските на робовите се и коските на татко ми, но не можам да ги најдам“. Ми беше јасна неговата порака: татко роб и синот роб.
Јас, Александар Македонски, денес, по многу илјади векови сакам да посведочам дека Диоген од моево време, го викам Диоген од Денес, намерно ми излезе во пресрет меѓу изгрев и залез на Сонцето на убав сончев ден. Не сум Александар Великиот, не сум ничиј предводник, туку само обичен човек во нашево совремие, па секако меѓу другото и затоа ми излезе. Во доверба ми рече дека живее во куќа направена од големо буре на периферијата на градот. Иако е имашен, смета дека живее во доволност.
Гневно нагласи дека народот не е сплотен и единствен не затоа што не сака, туку оти таков им треба на партиите и олигарсите за да страховладеат. Ќе биде сплотен само ако час поскоро стане свесен за тоа, па како било да се ослободи од нив. Ако наместо партократија, конечно завладее вистинска демократија. Сакав да го потпрашам што е за него таа, вистинска, каква е, како спроведува или треба да се спроведе, но го оставив да се доискаже. Еве, ја пренесувам од збор до збор нашата расправа:
Јас, Александар Македонски:
-Секојдневната и саможртвувачка борба за слобода и човечки правдини е алфа и омега на постоењето на човекот во овој неслободен, неправеден, понижувачки и деструктивен свет.
Диоген од Денес, како Диоген од Синопа:
-Откога постои, човекот постојано го бара човекот во себе. Како моментно, минливо и трајно постоење. Всушност, тоа е вечната борба за очовечувањето. Која нема никаква врска со имашноста или бедата. И денес на светот има имашни луѓе не само вклучени во таа борба, туку и нејзини предводници. Како што има и бедни, кои со судни маки си го крпарат животецот, а не бараат ништо. Само не дозволуваат никој со какви било дејанија да им го загрозува, урива и ништи личното достоинство.
Јас:
-Не ми кажуваш ништо ново. Јас очекувам да го промислуваш светот на човекот. Како Диоген од Синопа. Што е со изгревот и залезот на Сонцето на убав сончев ден? Не ќе е само за ти да излегуваш во пресрет меѓу нив, како Диоген од Денес. Мислиш дека не значи ништо шеснаесеткракото, уште од времето на Аледксандар Великиот?
Диоген:
-Тоа живее и ќе живее како македонско. Сонцето за едни е само со изгревот, за други со денот до самрак, а за трети само со залезот. За Македонецот е цел живот. Во руменина, во крв. Се разбира дека го промислувам светот на човекот како слободен, самобитен, идентитетски. Но јас, за разлика од Диоген од Синопа, имам своја филозофија. Филозофија на доволноста.
Јас, Александар:
-Мислам дека нешто од неа ми нафрли уште кога беше Диоген од Синопа.
Диоген од Денес:
-Човекот без човек во себе деноноќно се убива себеси со саможивноста, себичноста, себељубието. Ако скоро не ја прифати доволноста во животот како свое кредо, таа во хармонија со природата и личната природа, ако не ја отфрли непотребноста, пред сè друго богатењето и статусот во општеството, наскоро ќе му нема спас и јас ќе престанам да барам човек во него.
Јас, Александар Македонски:
-Мислам дека е важен твојот став дека секој човек нема свое место под сонцето, туку има во себе еден сончев зрак со кој се раѓа и живее до смрт. Па мора да го брани со сето свое битие, ум и творечки дух.
Диоген:
-Да, со човечкото во себе.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 54




