Богатењето на јазикот со странски зборови и изрази

Потребно време за читање: 2 минути

Во едноставноста е убавината и силата на мислата. Зошто туѓи-странски зборови ако имаме наши-домашни? За да те разберат поумен отколку што си? Нонсенс! За да им бидеш на други што повеќе небулозен? Чуму тоа?

Се разбира, не треба да се бега од нив. Се знае: јазикот е жива материја, па како и секоја друга постојано се дополнува, се богати, се менува.

Во македонскиот јазик, како и во секој друг, имало, има и ќе има многу странски зборови и изрази. Но и оние што ги смислиле-измислиле наши писатели, поети, други творци. Најчесто од нив кованици или „неправилни“ изведенки од постојни именки, заменки, придавки.

Кога е збор за странските зборови и изрази, најдобро е, ако може, тие да ни бидат синонимни.

Пример бр.1:

„Цената на трудот, неговото вреднување, и во квантитативна и во квалитативна смисла, за нашата севкупна стабилизација и преструктирање на општествено-економскиот живот е qonditio sine qua non”.

Правилно употребен латински израз, а значи: услов без кој нешто не може да се замисли или изврши, т.е. неминовен, неопходен, нужен, апсолутен услов.

Пример бр. 2:

„Имаме премногу небулозни решенија во нашето законодавство, па тие мора да се заменат со јасни и прецизни формулации”.

Небулозен (латински nebulosus)-магловит, облачен, матен, нејасен, неразбирлив.

Пример бр.3:

„Познавам многу рецептивни луѓе, но и апоретичари во сѐ поголем број”.
Рецептивен-способен за примање, чувствителен за нешто.
Апоретичен-оној што се сомнева, скептичар.

Пример бр.4:

„Твоето тврдење дека ова не е време на сонувачи имплицира недоверба во она што го детерминираш како сопствено искуство”.

Истото, но поубаво, поедноставно би се рекло вака:

„Твоето тврдење дека ова не е време на сонувачи содржи (опфаќа) недоверба во она што го ограничуваш (определуваш) како сопствено искуство.

Пример бр.5:

„Ништо не е релевантно, ниту супстантивно во твојата љубов кон неа”.

Истото, но поубаво, поедноставно и посилно:

„Ништо не е значајно, ниту самостојно во твојата љубов кон неа”.

(Небулозен пример што тешко се поврзува со едноставната, искрената, длабоката љубов.)

Пример бр.6:

„Твојот слух е толку резонантен што елидира кон суштината, кон основното значење на зборот”.

Сосема погрешна употреба на странски зборови поради нивно целосно непознавање. Ако вака сте кажале, вие сте смешни пред оној што ве слуша. Сигурно не би се изразиле така, кога би знаеле дека: резонантен значи звучен, силен, јасен, а елидира-изоставува, исфрлува (елизија е изоставување на непотребни самогласници во еден збор).

Наведениот исказ „преведен” е вистински нонсенс:

„Твојот слух е толку силен (звучен) што изоставува (исфрлува) кон суштината, кон основното значење на зборот”.

Го разбравте? Јас не.

Leave the first comment