БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: < 1 минута

76. Семеен гроб

На Задушница на изгрејсонце го посетив семејниот гроб на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Стар гроб во кој почиваат дедо ми, баба ми, брат ми, татко ми, мајка ми, син на брат ми од раѓање неизлечиво болен и братовата жена. Точно по тој редослед на умирање. Сите закопани два метра под земја, под црна мермерна плоча, со имиња, презимиња, години на раѓање и умирање. Со фотографии и без нив.

Го подзачистив гробот, го изметов лисјето и боровите иглички, ги исеков брестовите гранки што надвиснале над него, ставив букет црвени рози, запалив свеќи и им изразив помен со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино. Постојав некое време молчешкум. Не исчекав свеќите да изгорат докрај. Си заминав. Така јас секогаш.

Сигурен сум дека пред мене не беше дојден никој од живите роднини, а е сосем веројатно дека не е дојден ни по мене. Зошто? Не знам.

Одамна сум оддалечен од сите сè уште живи. Не знаат ни дали сум уште жив.

Leave the first comment