81. Сега јас:
Денес и утре
Добро или лошо-прашање е на лична проценка и стручна односно експертска оценка: вчера е многу помалку денес отколку денес вчера, а денес е помалку утре отколку утре денес.
Кога станува збор за задоволувачки или просечен, стандарден или висок степен на развој, континуитетот има поголема вредност (вчера во денес), но и перспективата (особено блиската иднина) е поприсутна, поблиска и поочигледна (утре во денес). Обратна е ситуацијата при незадоволително (потпросечно) или ниско развојно ниво.
Особено како товар кој е најдобро што побрзо да се остави, да се отфрли, да се третира вчера. Оти е тоа најголемиот виновник за сѐ како што е. Тоа е најодговорно за состојбата статус кво.
Во овие релации и односи треба да се движат личните проценки и стручните односно експертските оценки.
Постои една група на (не)одговорни луѓе, најчесто на „друг колосек“ од оној за што учеле и се остручиле, кои токму денес за утре ја покажуваат својата некомпетентност и волунтаризам. Чиј број постојано се зголемува колку што се остава, се заборава минатото како товар, како деструктивна сила.
Интересна појава која бара продлабочена анализа и промисла. Но, и со површна се доаѓа до ист поразителен заклучок: таа група на луѓе всушност не гледа свое место во утре, па се плаши од него, па затоа работи против него. Во корист не на сопствената, туку на заедничката-општата-колективната штета.
Припадниците на таа група сами се нарекуваат политичари, а другите ги нарекуваат политиканти (многу посоодветно).
Политичарите немаат право на вчера. Ниту на нашето, ниту на чие било друго. Тие имаат обврска пред денес и одговорност пред утре. Кој ова не го разбрал и научил, подобро веднаш да крене раце од политиката. Кој ова досега не го прифатил како основен критериум за лична определба, подобро никому да не му го дава својот глас на доверба. За да не се унижува себеси и да не поразува други.
Политикантите имаат право само на денес затоа што е неможно докрај да се „обесправат“, та да исчезнат меѓу редовите. Тие имаат право на свое денес и на ничие друго. Тие немаат никаква обврска пред утре, а исто така и одговорност пред вчера. Кој ова не го разбрал и научил, подобро веднаш да крене раце од нив, да ги остави да си го живуркаат животецот и светот во кој пливаат (преполн со матни води, жабјаци и мочуришта). Кој досега не научил да ги препознава, не му преостанува ништо друго освен и натаму да полтронисува, да коленичи и да малограѓани пред нив. Зашто одамна го изгубил сопственото достоинство.
Многумина од нас можат без политичари пред нив, зад нив или со нив, а малкумина, ма никој од нив не може без нас. Малкумина од нас би можеле без политикантите, а многумина од нив, ма сите можат без нас. Затоа од политичарите неретко, ма секогаш нѐ боли глава, а политикантите постојано ги боли глава од нас (прво дека тешко им оди прикривањето, не им успева мимикријата).
Зошто нафрлоциве на тема денес и утре? Не знам ни самиот. Ми дојдоа онака, без врска, веќе предолго промислувајќи за…ништожниците кои се подготвени на својот народ да му го прекројат и минтото. Зашто тој, конечно, дефинитивно тесно им ја скроил облеката во која се покажуваат пред светот. По последна мода!