82. Белешка на Јас новинар во Јас обичен смртник:
Интерес, само интерес! Освен…
Да, тоа е тоа. Само интерес, ништо друго. При сѐ што е директно или индиректно поврзано со владеење, супериорност, зависност, потчинетост, потиснатост. Во животот и работата, во здружувањето и коалицирањето, во индивидуалните и колективните сметки и пресметки, акции и реакции.
Да не помисли некој да ми ја корегира „неписменоста“: интересот го пишувам со почетна мала буква, како и „третманот“ од првата до последната буква од нашата азбука, затоа што воопшто не го есапам како голем. Напротив, мислам дека тој не вреди ама баш ништо.
Неретко некој наш „народен“ политичар, во луцида интервала ќе изјави дека негов најголем интерес е државата, па затоа сака да влезе во власта односно да ја освои. Во зависност од позицијата, тој негов најголем интерес е или нејзино подобро утре (оти денес ѝ е добро) или нејзин опстанок-спас (оти е фрлена на дното). А кога убаво ќе му се изнагледаш, откако ќе го разголиш до гола кожа, ќе видиш дека тој наш „народен“ политичар е толку мал, толку ништожен што ни мува не може да го полази, а камо ли да го боцне комарец.
Неретко некој наш прекуноќен бизнисмен во некоја октоподско-пирамидална интервала, со наместена маска на лицето како да е во искрена и чесна позиција, ќе ни порача дека не смееме сите како него да ги ставаме во олигархиско- мафијашко- политичката корпа за отпадоци затоа што помеѓу нив има многу кои со труд и мака, пот и саможртва дење- ноќе станале тоа што се. Па како такви многу се радуваат, ептен им скока задоволството кога ќе им помогнат на оние на кои спонзорско- донаторската помош им е непоходна. На пример на партии или медиуми. Демек, тоа на таквите им е најголем или еден од најголемите интереси. Ич да не верувате дека таквите затоа во вашите очи пораснале или растат ли растат. Напротив, протријте си ги, како при будење од длабок сон, погледајте во нив со отворени очи и ќе ги видите во сета ништожност и епизодност.
Најретко ќе чуете некој творец да го изјави следново:
„Моја единствена цел е да создадам дело кое ќе биде недовршено“.
Всушност, ова најверојатно го прочитавте првпат. Затоа што го изјавив сега јас пред вас.
Значи, не да создадам големо дело, туку да биде доволно отворено за оној што ќе реши да го отвори. Не за да го прочита, туку за да го чита и никогаш да него дочита. Тоа да му се нуди, да го предизвикува, да го поттикнува на постојано откривање, разоткривање, разградување. Па во свое време и творечка енергија да го продолжува, да го надградува, да го доградува како свое. Тоа не оти сум голем или мал творец, туку оти навистина не интересот, туку целта ми е една и единствена. Ниту голема, ниту мала.
А што се однесува, пак, на нашиот-општиот, заедничкииот интерес, тој е совршено јасен, еден и единствен:
Кога станува збор за нашава државичка да си најдеме, да си избереме државници што ќе работат не за нејзино јакнење, туку за достоинството на народот во неа.
Кога станува збор за бизнисот, тој ич да не зависи од политичарите- од најмалите до најголемите, туку тие да зависат од него и од нас.