89. Јас книжевник за релацијата издавач-писател:
Со чест и задоволството
Една моја куса попатна белешка под наслов „Наминување“, објавена поодамна на социјалната мрежа Фејсбук, е добар повод за темава што ја проблематизирам:
Наминав кај еден мој познајник поет, сопственик на издавачка куќа. Ја прашав продавачката дали е во канцеларија. Одамна не сме се виделе, па сакав да го поздравам. Таа му се јави по телефон (канцеларијата му е четири-пет скалила над книжарницата), па ми одговори дека имал странка, да почекам малку.
Почекав малку повеќе. Се проврткав во книжарницата, разгледав неколку книги и видов-не видов се упатив кон влезно-излезната врата. Пред да излезам, ѝ се обратив на подавачката со добродушна насмевка:
-Доволно беше. Сепак, немам многу време за чекање. Ве молам, поздравете го од мене. Само толку“.
Не знам, ама сè ми се чини дека мојот познајник поет не сакаше да ме прими, да се видиме по многу години. Којзнае, може помислил дека сакам да му понудам книга за објава, па да му биде непријатно да ме одбие. (Со децении не ми се ни јавил, а камо ли на овој или оној начин да покаже интерес за моето творештво.)
Хм-хм! А јас сакав само да се видиме и да испиеме едно кафе. Ако ми понудеше.
Сум сочувал и една порака или констатација, сеедно, испратена во моето „сандаче“ за пораки (Inbox):
„На секој издавач треба да му биде чест да објави твое дело“.
Се думав, ама сепак не ставив на крајот знак прашалник и извичник, како од мене искажана изненаденост, дилема или (не)согласност. Од проста причина што мислам дека ниту честа, ниту почитувањето на моето дело не „играат“ кај издавачите, а мене, пак, тоа воопшто не ми значи. Рамнодушен сум, вооопшто не ме интересира.
Повеќепати досега во овие мои белешки сум нагласувал дека објавувањето на мое дело како печатено издание/книжен формат не ми претставува којзнае каков предизвик. Некако ми е попривлечно издавањето во електронски формат, како е-книга. Но, и тоа не мора. Се разбира, немам ништо против да приклучам уште некоја книга на досега објавените/испечатени 8, ама само доколку за тоа постои обостран интерес. А токму тој-обостраниот интерес би требало да е дел од сочуваната порака или констатација.
Да, на секој издавач треба да му биде чест да објави мое дело. Да, и како искажана и потврдена почит. Пред сè поради моето неприкосновено место како писател-поет во современата македонска литература, со не мал книжевен „багаж“.
Ама имајќи го предвид односот спрема вредностите воопшто кај нас, во културата и творештвото, спрема творците-авторите, особено имајќи го предвид односот спрема мене лично и моето творештво (зашто не сум бил и не сум ниту со „овие“, ниту со „оние“-не припаѓам на ниеден „круг“; зашто имам достоинство и самосвест за создаденото и она што го создавам; зашто ми се туѓи коленичењето, понизноста, медиокритеството, провинцијализмот, простаклакот; зашто…)…
И ова веќе сум го напишал (го повторувам дека е во контекстов):
Во развиениот издавачки свет издавачите меѓусебно се борат за автори-писатели (прозаисти, поети, критичари, есеисти…), па ги „обезбедуваат“ со повеќегодишни или трајни договори. Според нив, авторите се обврзуваат да напишат-создадат дело за одреден период (на пример, секоја година, секоја втора, трета…), а сѐ друго-од издавање до промоција, маркетинг, продажба, застапување-заштита на авторство итн., е грижа на издавачот.