БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

99. Со самосвест

Незадоволство, разочараност, лутина, горчина, гнев и сѐ поголема самост-сѐ тоа насобрано во душата и срцето на човек во години кој на себеискажување и самодокажување жртвувал многу од својот живот. Што од непризнаеност, што од омаловажување, што од маргинализирање, па и ништожење на неговото дело. Не, не престанува, ниту помислува да признае да запре, да престане со создавање. Напротив, сѐ тоа го прави сѐ повеќе рамнодушен и позатворен во себе од една, а од друга страна го поттикнува уште поупорито, докрај посветено да работи, да се труди што помалку од него по него да остане незавршено.

На кого се однесува досега напишаново? На мене? Некаква самоанализа, преиспитување на себеси? Страница од биографија или нова белешка на Јас книжевник и Јас обичен смртник? Може и едното друго? Може, ама не мора.

Се однесува на секој со самосвест за своите вредности, пред сѐ за немерливата и нескротлива творечка енергија, но едновремено и за просто неразбирлив однос на критиката: првите две-три негови дела ги пречекува со особено внимание, оценувајќи ги како „мошне оригинални“, нивната објава „настан од исклучително значење“, дури „пресвртни“ во современата книжевност (со пишани критички и критичко-есеистички текстови), а набрзо потоа, по повеќегодишен молк-без никаква објава макар во книжевната периодика, како да не постои; исчезнал во меѓувреме, „готово е со него“.

Сега одвреме-навреме успева да „вознемири“ некои од книжевната фела со свои објави, но без можност за директна комуникација и обид за некаква рехабилитација, „враќање“, поточно макар задоцнето книжевно или општествено признание. Во тој контекст додатни „компликации“ прави неговиот јавно искажан засега цврст, непоколеблив став дека не дозволува објава на негово ново дело во книжен формат до крајот на животот, па и потоа. (А објавите на Интернет и во електронски формат сѐ уште не се прифаќаат како еднакво валидни.)

Со гордост го изделувам моето капитално поетско дело, според многу специфики единствено и секако најобемно во светската поезија: „Создател во игревот и залезот“, составено од 12 поетски студии кои се истовремено самостојни, посебни дела.

И „Создател…“ нема да биде објавен во печатен формат? Нема.

Меѓутоа, веќе најавив, крајно воздржано, дека е пројавен интерес на странски издавач за објава на мои дела.

Лично не верувам дека скоро ќе се случи. Ако се случи, тоа ќе биде мошне „интересно“ во контекстот на оваа белешка-за секој со самосвест за своите вредности, пред сѐ за немерливата и нескротлива творечка енергија. Но, едновремено и за просто неразбирлив однос на критиката.

Leave the first comment