103. Залудно или бесцелно создавање
Јас сум творец-писател и секако не сум единствен кој со влегувањето во години сѐ почесто си го поставува прашањето што произлегува од дилемата во насловот на оваа белешка: дали е, колку е, па и зошто е залудно или бесцелно непрестајното, дури сѐ поинтензивно и неуморно творење/создавање? Да, можам да наведам бројни автори кои (си) го поставувале или (си) го поставуваат, и тоа со не мала мера на лична разочараност, а чие извориште лесно може да се претпостави.
На оние што го следат и имаат респект спрема создавањето/делото на некој творец прашањето воопшто не им е прифатливо. Непризнателноста и маргинализацијата им ги припишуваат на севкупните состојби, општествениот статус, особено вреднувањето на творецот и творештвото, воспоставената хиерархија; во општество во кое најголема е личната зависност од политиката, поконкретно од партизацијата, тие се најмногу резултат на неопределеноста, независноста, пред сѐ на одбраната на личното достоинство. Јас би ја додал, дури би ја наредил и меѓу главните, доминантните-рамнодушноста.
Се разбира, и кога е збор за мене и кога мислам на други со иста или слична „позиција“, прашањето/дилемата за залудноста односно бесцелноста на создавањето не ја ни допира насушната потреба за творење/создавање како сушност на постоењето, на опстојбата на творечката личност. Напротив, неретко на творци влезени во години (како јас) таа насушна потреба, која, пак, нема никаква врска со самодокажувањето, е единственото нешто што им останало незагрозено, слободно, доволно. Смисла на лично преживување.
Зарем е можно залудно или бесцелно (би додал и бесмислено) создавање? Бидејќи не е можно „само по себе“, нужно е тоа да се „допрецизира“:
Залудно е и бесцелно ако е „само за себе“! Тоа значи дека или е „ненаменско“ или е оневозможено да дојде, да допре до својот консумент, до својата публика.
На пример, не е ли залудно и бесцелно (и бесмислено) создавањето на сликарот и неговите веќе создадени слики ако тие не им бидат прикажани/ понудени на оние што ги ценат, почитуваат, вреднуваат? Или создавањето на писателот и неговите веќе создадени дела ако тие не се објавуваат односно на кој било начин не се нудат на читање, откривање, доживување, вреднување?
Во нашево совремие токму на таквата „допрецизирана“ залудност или бесцелност (и бесмисленост) ѝ е толку стеснет „просторот“ што е речиси „оневозможена“. Да, мислам на користењето на многубројните форми и технолошки можности на меѓусебна комуникација меѓу луѓето, особено на широкиот спектар на понуди на Интернет. А што, од друга страна, иако за некои сѐ уште неприфатливо, непризнаено, ги негира, дури неминовно и мошне брзо ги уништува „традиционалните“.
Досега многупати сум напишал дека судбината на книгата во печатен формат е „запечатена“. Веќе ја „потиснаа“ електронската книга, веб сајтот, фан страниците на социјални мрежи и сл. Поточно дека таа ќе „преживее“ само како „уметнички предмет“ со исклучителна вредност (библиофилско издание, со користење на „некнижен“ материјал-кожа-пергамент, дрво, секавки други природни и неприродни материјали итн.). Со што творештвото/делото стана многу попристапно, поприсутно (во секој момент од денот и ноќта) и помасовно читано/гледано/слушано- консумирано.
Но дали не грешиме ако залудноста или бесцелноста (и бесмисленоста) на создавањето ја „изолираме“ од почитувањето, признавањето на стојностите на создаденото, како и од статусот кој би требало да му обезбеди макар пристојна живеачка на создавачот/творецот? Многу грешиме!
Во однос на (не)признателноста и маргинализацијата на творецот писател, особено на оној влезен во години (како јас), мошне важна е рамнодушноста. Која особено се рефлектира на објавувањето, прикажувањето, понудата на од него создаденото. Но, од друга страна, пак, ја концентрира творечката енергија единствено на создавање и досоздавање.
Јас таков „случај“? Е, ако де! И?