БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

119. Најближните на мои години

Секој творец што пишува (авто)биографија која не е тоа, особено кога е тој книжевник, неа во најголема мера ја изедначува со лични белешки од позиција на „обичен смртник“. Тоа, пак, му овозможува да избира, селектира, перемолчува, маргинализира или глорифицира, најмногу помеѓу она и оние што се дел од неговиот интимен свет. Истовремено ја става „на испит“ искреноста која, пак, е од суштествено значење за такво дело (мемоарско?). Најважно прашање: зошто би пишувал, обелоденувал што било од него?

Не, не мислам дека сѐ од интимниот свет треба да се сокрие или да се прикажува лажно, маргинализирајќи или глорифицирајќи. Тогаш дело како ова нема никаква смисла, значење и цел. Само укажувам на нужноста од негова одбрана, заштита, на сочувување на она што е и треба да остане: интимен свет, лични односи со ближни, какви било состојби и настани во семејниот круг.

Има една „подобност“ за творецот-книжевникот што пишува (авто)биографија која не е тоа, како Јас книжевник и Јас обичен смртник оваа: некои важни нешта кои имаат пошироко, па и универзално значење може да се дури клучни во структурата и содржина на кое било книжевно дело, пред сѐ проза, расказ, роман; да се искористат, да се вградат, да станат дел од стварниот или заумниот свет во него.

Во некои белешки веќе открив прилично од мојот интимен и семеен изминат и сегашен живот. Во оваа само неколку реченици за моите најближни:

Љубовта помеѓу мене и мојата сопруга Гордана имала и има секакви, неповторливи и повторливи моменти. Како сечија друга. Се судирала и се судира со секакви секојдневни и несекојдневни, обични, драматични, па и судбински тежини и проблеми. Но, секогаш ги докажувала и денес ги докажува стаменоста, сплотеноста, искреноста и пожртвуваноста.

Нашиот син единец Горан, пак, е најголемата радост на заедничката живеачка. Многу жалиме, неретко и се јадосуваме оти не успеав(ме), ниту успевам(е) да му пружиме колку што сме сакале и замислувале, сакаме и замислуваме; колку што заслужувал и заслужува според сопствените потенцијали, стекнатото знаење и искуството.

Во голем дел од нашата заедничка живеачка е и снаата Соња, со меѓусебно спомагање и почитување на самостојноста.

А за внукот Јован и внуката Јана…немам зборови.

Не би можел ниту миг да живеам без сите нив.

Leave the first comment