120. Препознавањето
Од сите „сериозни игри“ во животот што сум ги играл и сѐ уште ги играм радо, мислам на „игрите“ на возрасните и на луѓето во години, има една што ме весели многу повеќе од други. Која за други е, напротив, непријатна, некогаш можеби драматична, можеби и болна. Јас ја нарекувам „Препознавање“, а всушност за тоа и станува збор.
Мислам дека воопшто не е необично, ниту специфично за мене тоа што повеќе паметам ликови одошто имиња. Поточно, прво тие ми се „враќаат“ во паметењето, а потоа, по време некако спонтано ми идат имињата. Мислам дека и кај други е исто: препознавањето е според некоја црта, трага, некој впечатлив белег. Си „играм“ со тоа, се забавувам, притоа внимавајќи да не создадам „незгодна ситуација“, каква било непријатност.
Меѓутоа, многу поинтересна и позабавна ми е таа „сериозна игра“ кога во неа јас сум ликот за препознавање…според гласот! Еве најконретно:
Во времето на реализацијата на култната авторска емисија „Паноптикум“ на Втората програма на Македонското радио, мошне популарна и масовно слушана, ми се случи со мошне гласно друштво да се најдам во градски автобус. Гласно друштвото, гласен и јас. Во еден момент забележав една госпоѓа втренчено загледана во мене. Не баш неочекувано од мене ми се обрати: „Извинете, Вашиот глас ми е многу познат. Да не сте Вие…“ и го наведе моето име и презиме. И сега не знам зошто ѝ одговорив и ја оставив зачудена: „Не не сум тој. Слични ни се гласовите, но јас не сум радио водител. Јас сум писател“.
Паметам и „обратно“ препознавање. Пред почеток на една промоција на нова стихозбирка од наш виден поет ми пријдоа две девојки и еден младич, а младичот ме праша: „Вие сте Љупчо Димитровски, авторот на „Куќа што молчи“, „Паноптикум“, „Посејдоново утро“…“. Се насмеав простосрдечно и како малку изненаден му одговорив: „Ви личам на него? И јас го знам, ги имам прочитано тие негови дела, ама за жал не сум тој. Јас сум радио водител“. Реакција на една од девојките: „Да, многу познат, радо слушан глас. Јас не пропуштам ниедна емисија „Паноптикум“. Ама сум ја слушала и Вашата емисија „Лирско ехо“ во која кажувате, всушност изведувате поезија“. Кусо коментирав: „Баш ми е драго“. И толку беше „играта“ со нив.
Со години, па и со децении не сум се сретнал, не сум се видел со ниеден писател, поет, особено не од мојата генерација. Со помлади од мене воопшто не се познавам. Откога се „самоизолирав“ и сум секојдневно присутен со свои поетски, прозни дела и проблесоци во мислата единствено на Интернет, на социјални мрежи и имам своја книжевна веб страница.
Пред некој ден отидов на поетска вечер посветена на една помлада, видна поетеса. Препознав многумина писатели, поети, критичари, со некои од нив „на времето“ и сум се дружел. Мене не ме препозна никој! Врв на „играва“.