БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

125. Моите борби

Овојпат за моите борби со кои се гордеам, но неретко и се обвинувам себеси. Борби за што? Секогаш за конкретна и достижна цел. Еднакво во работата, дејствувањето и создавањето. Упорити? Бескомпромисни? Без оглед на последиците? Сѐ тоа, но и ова: без калкулации, саможртвувачки, секогаш докрај, до премалување. Зошто самообвинување? Затоа што во нив не сум водел доволно грижа за оние што биле со мене, ме поддржувале; да ги заштитам, да не бидат загрозени нивните сегашности и иднини. Во нив да не горат и тие со мене. Се обвинувам себеси и оти сум дозволувал други да ги користат, поточно да ги злоупотребат постигањата и придобивките од тие мои борби. Мислам пред сѐ на моите најблиски.

Да, секој во животот водел и води свои неброени борби, со една, повеќе или неброени битки. Исти, слични и различни. Некој рекол дека животот е борба. Јас мислам не секогаш и не само тоа. Животот е и спокој, мирување, возбуда, задоволство, рамнотежа помеѓу надворешниот и внатрешниот свет во човекот. И уште многу друго. Можеби е најточно дека животот е најмногу борба до последен здив. Мојот секако.

Можам да приведам многу мои конкретни борби со кои се гордеам, и тоа без оглед на конечниот резултат во последната битка. Исто и поради кои се обвинувам себеси. Но, тоа нема да го сторам во продолжение на оваа белешка зашто мислам дека не се многу важни за мене како книжевник и обичен смртник. Впрочем, мојот досегашен живот, од застанувањето на свои нозе до старечкиве години, во најголема мера навистина бил борба, најмногу за самодокажување.

А и ми е тешко да издвојам некоја најголема и/или најважна. Сакам гордеењето и самобвинувањето да ги сплотам и да ги насочам како признание и благодарност кон моите најблиски-сопругата Гордана и нашиот син единец Горан. Кон други другпат.

Се гордеам со нивната безусловна, беспоговорна и бескрајна подршка во сите мои борби, во сите битки во нив, а најмногу со нивната саможртва. Се разбира, успесите и поразите се и нивни, се заеднички, како дел од семејниот живот. Но, тоа да го прават секогаш, и кога предизвиците биле големи а последиците немерливи и несогледливи, да те придржуваат, да те крепат и кога паѓаш и кога се креваш, кога неизвесностите се многу поголеми од непоколебливоста…

Зошто се обвинувам себеси? Едноставно, затоа што во многу битки од моите борби не сум успеал да ги држам „настрана“, тие да бидат само мои. Дури и сум дозволувал нивната саможртва да биде поголема, па и многу поголема од мојата. Само поради мојата посветеност во работата, дејствувањето и создавањето.

На мојата сопруга Гордана и нашиот син единец Горан им должам најмногу. И им се извинувам оти неуспесите во моите борби се повеќе и поголеми од успесите. Особено оти не бев и не сум сопруг и татко каков што тие заслужуваат.

Leave the first comment